Битка за микрофонот во Собранието

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и вчера беа во напад да го освојат микрофонот на претседавачаот да не се прогласи крај на седница на комисија


 

Тензична расправа полна со инциденти во Собранието околу измените на Законот за работни односи се претвори во битка за микрофонот на претседавачите на комисиите. По дводневната драма во Комисијата за европски прашања и инцидентот со Арбер Адеми, вчера до полноќ се повторуваа истите сцени и во Законодавно-правната комисија.

Микрофонот на претседавачот, Снежана Калеска-Ванчева не смее да падне, т.е. нејзе треба да ѝ се овозможи да прогласи крај на седницата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го напаѓаат микрофонот, а Бајрам Кадрија од ДУИ како жив штит го чува микрофонот додека зборува Калеска-Ванчева. Пратеничкиот „напад“ на ВМРО-ДПМНЕ не успеа, Калеска-Ванчева ја заклучи седницата. Комисијата ги одби 300-те амандмани на опозицијата и „предлогот на законот за дополнување на Законот за работните односи го проследи на натамошна постапка во Собранието“, пишува во извештајот од Калеска–Ванчева.

Опозициските пратеници се гневни и тврдат дека седницата на комисијата не ни започнала, па така не ни можела да биде завршена.

Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ во 1 часот по полноќ одржа прес-конференција, на кој изнесе тврдења дека не добиле процедурални обраќања затоа што целта на мнозинството билоа расправата да заврши до полноќ.

„Немавме можност за процедурални забелешки. Се случи истото како и во Комисијата за европски прашања. Расправа немаше на ниту една комисија. Сѐ беше противзаконски. Во паника се. Мора да знаат дека ќе ја сносат одговорноста. Се обидовме да ги вразумиме, побаравме пауза. Не ни дадоа, бидејќи морало да помине ова во 12 часот“, рече Стојаноска дека кога била отворена амандманска расправа настанал хаос.

Од СДСМ, пак, велат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во собранието по налог на Мицкоски, се обидуваат да создадат тензии и инциденти, за да го одбранат криминалот.

„Секогаш кога во Собранието се расправа за закони од правосудството, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се нервозни, деструктивни, прават тензии, ги малтретираат пратениците и вработените во собраниските служби, а често се обидуваат да испровоцираат и физички пресметки. Јавноста се увери дека ВМРО-ДПМНЕ се виновниците кои го предизвикаа инцидентот во Комисијата за европски прашања.

Но тоа не е прв пат. И претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваа дрско и безобразно и на Комисијата за политички систем и на Комисијата за образование, кога претседателките на комисиите беа физички напаѓани од страна на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ“, велат во соопштение од владејачката партија.

Измените на Законот за работни односи треба да се најдат на пленарна седница. Таа може да се одржи веднаш откако ќе заврши седницата за поставување на пратенички прашања која е закажана за во 11 часот. (Н.В.)