Битиќи спремен да продолжи во Владата предводена од Ковачевски
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е поготвен да остане во новата влада која се очекува да ја предводи лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Оваа негова изјава доаѓа откако министрите за одбрана, Радмила Шеќеринска и за образование, Мила Царовска се изјаснија дека донеле одлука да не бидат дел од идниот владин состав.
„Јас сум спремен да останам во било која влада која што ќе се грижи за потребите на граѓаните, која што ќе биде добар соговорник со приватниот сектор и која што ќе развива иднина за сите нас“, рече Битиќи вечерва во емисијата 24 Анализа на ТВ 24, одговарајќи на прашање на водителката Анета Додевска.
Тој додаде дека мандатарот е тој кој што одлучува, и дека е спремен да остане во Владата затоа што смета дека има уште многу да се работи, да се направи за земјата и дека е потребен одреден временски период започнатите процеси да завршат.
„Секако, ако се одлучи различно, ќе продолжам да бидам активен во секторите каде што сум бил присутен“, рече Битиќи.