Битиќи: Колку поскоро се формира влада толку побрзо ќе се донесе и четвртиот пакет мерки


Колку поскоро се формира новата влада, толку побрзо ќе може да се донесе четвриот пакет мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството, рече денес на прес конференција Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ. Новата влада ќе има мандат и легитимитет да излезе со новите мерки, рече тој.

„Се надемвам дека тоа ќе се случи во текот на месец август и веќе во септември би можеле да го донесеме новиот пакет економски мерки кој што ќе значи помош на граѓаните и помош на компаниите и економијата. Секако, притоа земајќи ги во предвид сите позитивни резултати изминатиот период и нивната искористеност, како што е мерката од 14.500 денари за поддршка на платите, или пак мерката со домашната платежна картичка, која што иако беше на удар на другите политички партии покажа дека дава навистина одлични резултати и има повеќекратен ефект во стопанството и врз животот на граѓаните“, рече Битиќи.

Запрашан дали ќе има некоја функција во новата влада доколку ја формира СДСМ, тој одговори дека во политиката се е возможно.

„Ќе оставам на мандатарот, а тоа е господинот Зоран Заев да одлучи дали јас сум најдобриот кандидат за едно од министерските места. Секако ако ја имаме таа чест, ќе докажеме дека знаеме и умееме како треба да се грижиме за државата“, рече Битиќи.

Инаку, прес конференцијата беше посветена на досегашните ефекти од Домашната платежна картичка.

Битиќи рече дека заклучно со 18 јули, преку 276 илјади граѓани добија и ја користат Домашната платежна картичка чија вкупна вредност е 24,6 милиони евра од кои веќе се потрошени односно вбризгани во економијата 17,7 милиони евра преку купување македонски производи и услуги.

„Со платежните картички се реализирани над 1,2 милиони трансакции или поконкретно граѓаните ги употребиле картичките најчество во маркетите 89 отсто, во рестораните и храна 5 отсто, текстил, облека и обувки 3 отсто и аптеки 2,3 отсто“, рече Битиќи.

Граѓаните најмногу купувале во маркетите каде што оствариле промет од 982 милиони денари, за текстил, облека и обувки 42 милиони денари, во ресторани и за храна 30 милиони денари, за мебел 12 милиони денари, во аптеки 10,8 милиони денари, во хотели и за туризам 3 милиони денари и останато.

Се потврди проекцијата дека Домашната платежна картичка има повеќекратен бенефит за граѓаните и за економијата затоа што ја поддржува приватната потрошувачка и домашните производители и услужни дејности, а придонесува и за раздвижување на економската активност и за безготовинско плаќање што претставува уште еден механизам во борбата против сивата економија“, рече Битиќи.

Тој додаде дека поради проширување на листата на граѓани, приматели на оваа картичка како и позитивен одговор на поднесените приговори, рокот за издавање и доставување на картичките е продолжен и во текот на оваа недела за граѓаните кои се уште не ги добиле. (М.Ј.)