Билка за во домашна аптека: Сите предности на босилекот


Босилекот е ароматична билка, која изобилува со многу лековити својства. Познат е уште и како тулси или туласи, потекнува од Иран, Индија и другите тропски региони на Азија, а се култивира уште од пред околу 5000 години. Постојат повеќе видови босилек, а оној што се користи во медитеранската кујна се нарекува сладок босилек.

Во ајурведската медицина се користи најмалку 1500 години и е високо ценета билка, која се спомнува во Риг-веди, збирка на индиски химни, а е славен и во Пураните. Босилекот или туласито е познат по своите адаптогени својства, т.е. способности што му помагаат на телото да се избори со стресот, без оглед дали е предизвикан од психолошки, хемиски, физички или метаболички фактор.

Во овие краишта е наречен и како божји лек, босилок или босилек. Името на оваа билка најверојатно доаѓа од грчкиот збор за крал – басилеос – бидејќи постои легенда дека босилек никнал на местото каде што светите Константин и Елена го откриле светиот крст. Оваа билка се користи при многу ритуали во црквата до ден-денес, а се употребувал и во некои обредни кралски капења или како лековита смеса или мелеми.

Традицијата вели дека тој е одличен лек за третирање на обичните настинки, воспалувања, астма, бронхитис, стомачни заболувања и дијареа; потоа главоболки, артритис, срцеви заболувања, маларија итн. Истражувањата покажуваат дека оваа билка има одлични ефекти врз репродуктивниот систем, имунолошкиот, централниот нервен систем, уринарниот систем и крвната биохемија. Одличен лек за намалување на анксиозноста, придружна појава на живеењето во модерната доба, како и при лекувањето од хипотироидизам.

Ова е мека и нискорастечка билка со розови или виолетови цветови, а различните делови од билката се користат во медицината, како семето, листовите, цветот и коренот, со други зборови, целото растение. Таа има високо хранлива вредност и е богата со:

– витамин А, Ц и К
– калиум
– железо
– цинк
– хлорофил
– фосфор.

Со над десетина различни видови етерични масла, босилекот е познат како кралица на билките и може да се користи како чај, зачин или неговите свежи листови да се користат во традиционалните кулинарски специјалитети. Ајде накратко да видиме на кој начин оваа билка со речиси волшебни способности може да му помогне на телото да се избори со различни заболувања и да ја подобри општата добросостојба и духовен мир.

Адаптоген или антистрес-терапија

Слаткиот босилек, но и туласито имаат релаксирачки ефект, но тоа не значи дека произведуваат поспаност или длабок сон. Со намалувањето на хормоните на стрес т.е. кортизолот и со нормализирањето на нивото на шеќерот во крвта, успеваме да ја намалиме анксиозноста, но и чувството на депресија. Ако го користите редовно во период од два месеца, може да дојдете до значителни промени на ова поле.

Репродуктивен систем

Кога станува збор за репродуктивните органи, оваа билка помага при болестите на импотенција и ги намалува тешкотиите поврзани со менопаузата. Одличен избор при тегобите со таканаречениот предменструален синдром или ПМС, при што доведува до релаксација на природен начин.

Антиканцерогени својства

Најновите истражувања на оваа тема укажуваат дека поради своите силни антивоспалителни својства, босилекот го зголемува имунитетот, ги намалува температурата, треската и болката и ги штити виталните органи. Кај личностите што се борат со оваа сериозна болест, го спречува ширењето на канцерогените клетки, односно метастазата, а најмногу помага при карциномот на белите дробови, црниот дроб и карциномот на кожата. Оваа билка, исто така, е одлична заштита при радијацијата и го промовира исцелувањето.

Кожни инфекции и акни

Поради своите силни антибактериски, антивирусни и антифунгални својства, етеричното масло од туласи помага при лечењето на акни и другите кожни заболувања. При исечениците или раните, оваа билка штити од инфекции, а може да се користи надворешно и внатрешно. Заедно со кокосово масло, дејствува одлично врз различни видови заболувања на кожата.

Дијабетес

Како што спомнавме и претходно, босилекот има одлично својство да го контролира крвниот шеќер и значително го намалува нивото на гликоза, како и холестеролот. Одличен избор, особено кај личностите што страдаат од дијабетесот од тип 2, кај кои го одржува шеќерот во нормални граници.

Крвен притисок и заштита на срцето

Босилекот содржи висок процент на калиум, кој е важен минерал кога станува збор за исфрлувањето на вишокот течности, со што автоматски се регулира и се намалува зголемениот крвен притисок. На тој начин се подобрува работата на срцето и штити од артериосклероза и другите кардиоваскуларни болести.

Дентална заштита

Неговите лековити својства имаат широк дијапазон и неговата употреба се протега и при денталната хигиена и заштита, бидејќи служи како природен освежувач, ги отстранува забните наслаги и лош здив. Помага при гингивитисот и ги отстранува бактериите од устата.

Главоболки

Практикантите во ајурведата го препорачуваат босилекот како природен аналгетик кој помага при главоболките, поради својата моќ да го намали воспалувањето, особено на синусите, како и воспалувањето на ушното тапанче и на тој начин да ослободи од болка.

Користен и при лекувањата на очните заболувања, најчесто конјунктивитисот и катарактата, ова е одлична билка која се справува со многу видови болести, особено ако се користи во подолг временски период и истрајно. Ги зголемува и когнитивните моќи и ја освежува меморијата, што е многу важно за луѓето во повозрасните години.

Ирена Танчева