Биљали, Узунов, Спасов… веќе не се советници на премиерот  


Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана е единственото ново „име“ во последниот список на надворешни соработници во кабинетот на претседателот на Владата, Зоран Заев. Во овој список, што на барање на „Независен весник“ ни го достави прес-центарот на владата, недостигат неколку  познати имиња што беа ангажирани до неодамна како советници во кабинетот на Заев.

На листата на надворешни соработници веќе не е новинарот од Струмица Ѓорги Калајџиев, кој имаше договор до јули годинава како советник за комуникации и односи со јавност, за што добивал хонорар од 40 илјади денари. Од листата на надворешни соработници е симнат и професорот Мерсел Биљали, кој до скоро беше ангажиран како советник за комуникации и односи со јавност за подобрување на односите меѓу етничките заедници, за хонорар од 40 илјади денари месечно. Биљали ни изјави дека  е задоволен од соработката што ја имал со Заев додека бил советник. Тој вели дека веќе не е дел од тимот затоа што во меѓувреме му завршил договорот, а поради многу обврски не можел да продолжи со ангажманот во Владата, затоа што работи како професор на државниот универзитет во Приштина, но и како визитинг-професор на ФОН во Скопје.

Меѓу надворешните соработници на Заев  не е ниту универзитетскиот професот Ванчо Узунов, за кој во првичниот список на советници стоеше дека е ангажиран до крајот на 2019 година. Узунов, поранешен потпретседател на СДСМ, беше ангажиран за 53.500 денари месечно како надворешен соработник за економски прашања. Узунов ни изјави вчера дека, на негово барање, договорот за надворешен советник во кабинетот на премиерот бил раскинат и дека за тоа нема посебна причина. Тој посочува дека и натаму е во комуникација со премиерот и дека и без договор е отворен за совети, како и  дека останува неговата соработка во делот на регионалната соработка, Берлинскиот процес и скринингот и подготовките за почеток на преговорите со ЕУ.

Најновиот список со соработници Заев го потпишал пред неколку дена, откако најави дека ќе го ревидира тимот на советници, по многу реакции во јавноста околу тоа кој го советува премиерот. Тогаш бројката на надворешни соработници во канцеларијата на премиерот беше 40, а сега е – 32. Во екот на дебатата и критиките за советничкиот тим на актуелниот премиер, од Владата одговараа дека, за разлика од Заев, експремиерот Никола Груевски ангажирал повеќе од 90 советници, што го чинеле буџетот над 1,7 милион евра. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш пресметаа дека од буџетот се издвојувале 540 илјади евра годишно за 55 советници во кабинетот на Заев.

Дел од новиот список на соработници на премиерот Зоран Заев

На новиот список што ни го доставија од Владата не се посочени сегашните хонорари на надворешните соработници, ниту до кога им траат договорите. Во најновиот список  ги нема и повеќето имиња на соработници што претходно беа ангажирани про-боно. Меѓу нив е и професорот Александар Спасов, кој беше советник за јавни политики, но потоа премина во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, каде што е и доскорешниот владин портпарол Миле Бошњакоски. На новата листа го нема и Митко Андреевски, кој беше претседател на Комисијата за енергетика на СДСМ, а до неодамна бесплатно беше ангажиран како надворешен соработник во владата за изработка на елаборат од областа на енергетиката. За разлика од Спасов, за чиј договор пишуваше дека истекува во јули годинава, кај Андреевски, во претходниот советнички список, стоеше дека е ангажиран до крајот на годинава.

Од надворешните соработници кои претходно беа вклучени про-боно на новата листата е останат единствено Зијад Беќировиќ, како советник за економски прашања за соработка со земјите од регионот. Беќировиќ, инаку е еден од директорите на ИФИМЕС, кој, исто така, е додаден во новиот список на надворешни соработници. Во кусата биографија на Беќировиќ на веб-страницата на ИФИМЕС стои дека е дипломиран економист и магистар по комуникологија, стручњак за ислам, еврејство и интеркултурна комуникација. Во портфолиото на овој Институт, пак, стои дека собира и анализира материјали, информации и податоци за клучните кризни жаришта во светот, со цел да придонесе за ширење знаења за потребите на глобалното уредување и превенирање и решавање конфликти.

Летово, новиот претседател Пендаровски имаше предавање на настан организиран од ИФИМЕС, при неговата посета на Словенија. Во мај годинава и Заев, кога беше во посета на Љубљана, говореше на дискусија во организација  на овој Институт, во чии тела се застапени повеќе политичари од земјите во регионот, како Стипе Месиќ, бивш претседател на Хрватска, кој е почесен претседател на ИФИМЕС, хрватскиот дипломат Будимир Лончар, Зоран Живковиќ, поранешен српски премиер…

Вклучувањето на на ИФИМЕС во тимот на надворешни соработници на премиерот е невообичаено поради тоа што досега не беше практика правни субјекти или НВО да бидат ангажирани за тоаа намена. ИФИМЕС, според известувањето од Владата, е ангажиран за собирање и обработка на различни извори на информации за клучните прашања од областа на конфликтите во светот од верска, етничка, национална и расна основа.

„Претседателот на владата може да ангажира надворешни соработници, како на пример: професори, експерти, искусни индивидуалци од еснафи или заедници, истакнати стопанственици, стручни лица и правни субјекти. Во однос на ангажманот на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии, станува збор за правен субјект кој, врз основа на договор за соработка, е ангажиран од страна на премиерот“, велат од Владата.   Александра М. Митевска