Били Ајлиш – најмладата личност која освоила два „Оскара“


Лос Анџелес – Американската поп-пејачка Били Ајлиш на свои 22 години стана најмладата личност со два освоени „Оскари“, и тоа за најдобра филмска песна, откако на синоќешното доделување го доби признанието за нумерата од филмот „Барби“.

Ајлиш го дели одличјето со својот брат Финес О’Конел (26), кој со тоа стана втората најмлада личност која двапати ја добила оваа престижна награда. На тој начин и двајцата го надминаа рекордот на Луиз Рајнер, која во 1936., на 26-годишна возраст освои „Оскар“ за најдобра женска улога, а истата награда ја освои и следната 1937 година.

Били Ајлиш и Финес оваа година освоија Оскар за песната „What Was I Made For?“. А пак, првиот „Оскар“ го добија во 2020 година за песната „No Time to Die“ од филмот за Џејмс Бонд.

Мал број луѓе успеале да освојат два Оскари до 30-тата година од животот. Џоди Фостер го постигна подвигот на 29-годишна возраст со нејзината втора главна актерска победа за нејзината изведба во „The Silence of the Lambs,“, додека Хилари Свонк имаше 30 години кога го освои вториот Оскар за „ Million Dollar Baby“.

Во освојувањето на наградата за оригинална песна, Ајлиш и О’Конел победија уште еден кандидат од „Барби“, „Јас сум само Кен“, заедно со песните „Wahzhazhe (A Song for My People)” од “Killers of the Flower Moon,” “The Fire Inside” од  “Flamin’ Hot” и “It Never Went Away” од  “American Symphony.”