Билетите за прошталниот натпревар на Надал чинат 141.000 евра: против кого ќе игра?
Минатата недела еден од најдобрите тенисери на сите времиња Рафаел Надал најави повлекување, а останува само да се појави на теренот на Дејвис купот, кои се мечеви кои ќе привлечат поголемо внимание од било кога.
По тешката битка со повредите, Надал реши да стави крај на агонијата и да ја заврши својата блескава кариера на домашен терен. Последен настап ќе му биде натпреварувањето во Дејвис купот каде ќе настапува во дресот на шпанската репрезентација.
Натпреварувањето е закажано за периодот од 19 до 24 ноември, а сите билети за овие дуели се распродадени. Она што е сигурно е дека Надал ќе биде на теренот против Холандија во четвртфиналето на Дејвис купот на 19 ноември и тоа можеби ќе му биде последен меч.
Влезниците за Дејвис купот се недостапни подолго време, а сега се достапни само на платформата за препродажба на „Виагого“. Најевтиниот билет за најоддалеченото место е 2.000 евра, додека премиум билетите чинат неверојатни 141.000 евра.
Сѐ уште не е познато дали Надал ќе настапи во полуфиналето и финалето на Дејвис купот, со оглед на тоа што не се знае дали неговата селекција ќе ја елиминира Холандија. Единствено е јасно дека Надал ќе излезе на теренот на 19 ноември, а во зависност од резултатите зависи дали ќе настапи во полуфиналето на 22 ноември и финалето на 24 ноември.
Во текот на неговата прекрасна кариера, Надал освои 22 Грен слем титули, вклучувајќи 14 на Ролан Гарос. На тоа тој додаде четири титули на УС Опен и по две титули на Австралија Опен и Вимблдон.
Тој исто така го освои олимпиското злато во Пекинг во 2008 година и 36 титули на Мастерс. Беше дел од најголемото трио во историјата на тенисот заедно со Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ, а јасно е дека по нивното заминување „белиот“ спорт никогаш повеќе нема да биде истиот.