Бидете љубопитни, борете се и вратете се дома – пораки на првиот академски час за бруцошите
На првиот академски час денеска, кога на сите универзитети и факултети во земјава, илјадници студенти го почнаа своето високо образование, а традиционално, беа поздравени од државниот врв и од ректорите. Ги поздравија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска и заменик-министерот Дритон Сулејмани, секој од нив на различен универзитет.
Најдоброрангираните бруцоши на уписите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на секој од неговите 23 факултети, ги добија индексите денеска, на првиот академски час, симболично во име на целата генерација нови студенти кои во 2026/2027 го почнуваат високото образование.

На свеченост на платото на УКИМ честитки што стануваат академски граѓани и добредојде им посакаа ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, претседателката на Универзитетското студентско собрание (УСС на УКИМ) Ангела Василевска, министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Им порачаа да ги искористат можностите што им ги нудат студиите – да учат вредно и посветено, но и да другаруваат, нагласувајќи дека токму во студентските денови се стекнуваат долгорочни професионални перспективи, но и доживотни пријателства.

Претседателката Сиљановска-Давкова восхитена од, како што рече, толку многу убавина и младешка енергија во бруталистичката архитектура на факултетите на кампусот на УКИМ, им кажа на бруцошите дека токму денес им почнуваат најубавите денови во животот.
Им порача да не меморираат само податоци и да се амбицираат за енциклопедиско знаење, туку, пред сè, да вежбаат и да веруваат во силата на критичкиот ум и да бидат бунтовни во бранењето на своите права.
Сè што научила рече, е од Правниот факултет на УКИМ, првин како студент, а потоа и со професорската кариера и сè уште верува дека „политиката може да се заузда со правото и дека на овој чуден свет му треба идеализам: право, правда и етика“. Уверена дека потенцијалот на земјава е токму во младите, таа нагласи дека Универзитетот „не само што е пристојно место за младешки живот, туку е и пристојно место за натпревар“.

- Јас верувам дека времето на профитот заминува, доаѓа време кога ќе зборуваме за софократија, за умот. Верувам дека не само затоа што е најстар, не само затоа што бил најдобар, туку затоа што навистина има со што да се пофали и кон што да цели, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ треба да биде предводник во промените … Кога реков дека треба да сте критични, убедувајте ги професорите и потсетувајте ги дека се овде не само заради своите кариери, туку дека имаат и педагошки причини. Треба секој ден да ве убедуваат дека се тука заради вас, а не заради себе. Бунтувајте се, барајте ги правата, направете систем во којшто нашиот и нивниот избор и реизбор ќе зависи од вас, а не само од нивното и од моето знаење, истакна претседателката.
Во контекст на технолошкиот напредок таа во обраќањето порача и да не дозволиме вештачката интелигенција да го наруши природниот ум затоа што, рече, „за да користите вештачка интелигенција мора да имате природна интелигенција“.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, поставување прашања и истражување.
– Бидете љубопитни студенти и храбри во потрага по нови знаења. Освен предавањата, колоквиумите и испитите, ќе имате можност да се вклучите и во истражувања, научни проекти, академски размени, летни школи и различни обуки. Искористете ги максимално, верувам дека ќе ви отворат нови хоризонти, рече Јаневска нагласувајќи дека треба да бидат свесни дека се потенцијалот што го има државата, чија иднина тие ќе ја креираат како идни професионалци, иноватори и лидери.
Како што рече, моќта е во нивната младост, енергијата и ентузијазмот и оти таа ќе расте дополнително преку знаењата што ќе ги стекнуваат.
Мицкоски на УГД – Штип им порача на студентите да се вратат дома и да зе борат за најубавата земја на светот
– Вистинскиот живот е борбата која што ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родна земја Македонија. Тоа никогаш немојте да го заборавите, каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот, Македонија – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред бруцошите на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.

На универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 12 факултети и трите академии во прва година за академската 2026-2027 година се запишани околу 1.500 бруцоши. Претседателот на Владата, Мицкоски во своето обраќање пред студентите и професорите упати порака неговите колеги да го пренесат знаењето на младите, да бидат нивни педагози и пример во животот.
– Од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сè она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот. Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат. Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот. Затоа, мојот совет и мојата порака до моите колеги, а ваши професори е бидете тоа што треба да бидете, бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства – истакна Мицкоски.
Сулејмани до бруцошите на УМТ: Не плашете се од предизвиците, бидете истрајни
На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска свечено беше отворена академската 2026/2027 година, за околу 1.000 нови студенти, кои говорниците ги охрабрија да бидат истрајни, љубопитни и активно да придонесуваат во општеството.
Заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани им порача на студентите дека започнуваат ново животно поглавје во кое, освен професионални знаења и вештини, ќе научат и да размислуваат критички и самостојно.

– Денес не сте само студенти кои се запишуваат на факултет. Денес отворате ново поглавје во животот. Поглавје во кое ќе научите професии, ќе стекнете знаења и вештини, но пред сѐ, ќе научите да размислувате независно, да поставувате прашања, да барате одговори и да верувате во својот потенцијал – потенцира тој.
Сулејмани ги повика младите да не се плашат од предизвиците и неуспесите, нагласувајќи дека успехот се гради преку упорност и способност повторно да се стане по падовите.
-Не се предавајте, бидејќи успехот не се гради само од победите, туку и од паѓањата и кога избираме повторно да се исправиме – рече Сулејмани.
Според него, универзитетот не треба да се гледа само како место за стекнување диплома, туку како простор каде се создаваат партнерства, идеи и иницијативи што можат да придонесат за општествени промени.
Новата академска 2026/2027 година во Македонија официјално ја почнаа околу 13.800 бруцоши.