Биариц се подготвува за Самитот на Г-7
Биариц ќе биде најбезбедниот град во Франција од 24 до 26 август. На улиците на приморското одморалиште, специјалните полициски сили веќе се присутни од пред неколку дена. За обезбедување на Г-7, ќе бидат распоредени 13.200 полицајци, но исто така и припадници на армијата, како и припадници на шпанските безбедносни сили.
-Ние нема да толерираме никакви нарушувања на јавниот ред и ако дојде до тоа соодветно ќе одговориме. Наша цел е да овозможиме брзо распрснување на толпата и брзо апсење на предизвикувачите на нереди, изјави министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, претставувајќи ги безбедносните мерки на самитот, чиј приоритет е безбедноста на официјалните делегации.
Низ градот безбедносните мерки ќе бидат многу строги. Во првата зона ќе можат да се движат само локалните жители, како и членовите на делегациите. За да се влезе во втората зона, ќе биде потребно да се обезбеди специјална дозвола.
-Мислам дека е лудо да се организира сето ова во средината на август во Биариц, се жалат дел од жителите на градот.
На самитот се очекуваат 10.000 членови на делегации и акредитирани новинари. Сите 52 хотела во градот беа резервирани за Г-7 уште пред една година.