Бездомници на Гренланд глумеле поддржувачи на синот на Трамп, добиле бесплатен ручек, тврдат дански медиуми
Доналд Трамп Џуниор, син на новоизбраниот американски претседател, и неговите пријатели наводно регрутирале луѓе во Гренланд за да глумат поддржувачи на Трамп во видеа во замена за бесплатен ручек во скап хотел.
Данското радио ДР објави дека од повеќе извори слушнало дека видео снимката, снимена за време на кратка посета на Гренланд, покажува бездомници и други луѓе кои често се задржуваат пред продавница веднаш до хотелот. „Бездомниците и старите луѓе одеднаш јадат во ресторан во кој никогаш досега не биле“, изјави за ДР долгогодишен жител на главниот град Нук.
Сè што требаше да направат е да носат капи со натпис „Make America Great Again“ и да учествуваат во видеа, според ДР. На снимката објавена од весникот Екстра Бладет се гледа како луѓето на Трамп им приоѓаат на минувачите на улица и им подаваат капи МАГА.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, идниот и поранешен американски претседател Доналд Трамп им се заблагодари на жителите на Гренланд што биле „толку љубезни“ кон неговиот син и членовите на неговиот тим. Како што беше претходно објавено, Трамп Јуниор пристигнал на Гренланд пред три дена за да сними подкаст.
На прес-конференција во вторникот, денот кога неговиот син го посети Гренланд, Трамп рече дека нема да исклучи воен или економски притисок да го стави под контрола најголемиот остров во светот. Неговите изјави беа сфатени сериозно во Данска, која управува со Гренланд, но и во други европски земји, кои го критикуваа идниот станар на Белата куќа.