Бесплатни стоматолошки прегледи за децата и пензионерите – континуирана грижа за здрави насмевки
По повод 20 март – Светскиот ден на оралното здравје, Општина Центар континуирано реализира бесплатни стоматолошки прегледи за деца од предучилишна и училишна возраст, како и за пензионерите, како дел од посветеноста на превенцијата и унапредувањето на оралното здравје.
Во таа насока, беше одржан работен состанок со Проф. д-р Соња Апостолска, декан на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на кој беше потпишан Меморандум за соработка. Со овој документ се зајакнува партнерството и се отвораат можности за реализација на нови заеднички проекти.
На средбата присуствуваа и Проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска, раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, како и Проф. д-р Гордана Апостолска.
Грижата за оралното здравје започнува од најрана возраст и претставува важен сегмент од целокупното здравје на граѓаните.
Во рамки на Програмата за образование се спроведува проектот „Дејствувај за подобро орално здравје“, преку кој учениците од прво одделение од сите основни училишта во Центар се едуцираат за правилно четкање на забите и одржување на оралната хигиена.
Во рамки на Програмата за социјална и здравствена заштита и заштита на деца се реализира проектот „Унапредување на оралното здравје кај деца од предучилишна и училишна возраст, граѓани од социјално загрозени семејства и корисници на пензија“, преку кој се обезбедуваат бесплатни стоматолошки прегледи и грижа за најранливите категории граѓани.
Општина Центар останува посветена на унапредување на здравјето на граѓаните преку континуирани активности, едукација и силни партнерства со релевантни институции.