Бесплатен паркинг за крводарителите и за специјализантите на Клиника


Фото: Б. Грданоски

Крводарителите при дарување крв ќе можат да ги користат бесплатно паркинзите на Клинички центар и пред болницата „Осми Септември“, како и сите други затворени паркиралишта со рампа со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“.

Одлуката за давање согласност на Одлуката за дополнување на Ценовникот на услугите кои ги извршува претпријатието денеска беше едногласно прифатена од советниците на седницата на Советот на Град Скопје.

Како што истакна директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски со овој гест им се излегува во пресрет на барањата на крводарителите и на овие хумани граѓани им се дава општествено признание за придонесот што го даваат за здравјето на други луѓе.

Со оваа Одлука се предвидува и повластена цена за паркирање на паркиралиштето на Клинички центар за приватните специјализанти кои работат таму.

Во однос на приватните специјализанти, ЈП „Градски паркинг“ одлучи да се спроведе повластена цена за специјализантите кои се на работа и специјализација на Клинички центар и тие би плаќале по 400 денари месечно за паркирање.

– Тие не се разликуваат по ништо од нивните колеги, работат рамо до рамо со нив и беа главни борци во справување со ковид. Со оваа повластена цена би се изедначиле со сите други кои плаќаат ваква цена – рече Христовски.

Советникот Реџеп Исмаил рече дека неправда околу паркингот трпат и родителите на деца со посебни потреби, затоа што не се ослободени од плаќање јавен паркинг. Забележа дека паркиралиштата не се прилагодени за оваа категорија граѓани, а имаат голема потреба од тоа, кога носат деца во градинка, во училиште или на лекар.  

Директорот Христовски појасни дека токму тие лица имаат бесплатен паркинг секаде во Скопје, не само во затворените паркиралишта.