БЕСА го прифаќа францускиот предлог, бара бришење на 20 отсто во Уставот


Предлогот на Беса излегува од тоа што е договорено со Рамковниот договор (Фото: Б. Грданоски)

Движењето БЕСА  го прифаќа секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и што  нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата, соопштија од Беса. Оттаму истакнуваат дека будно ја следат актуелната политичка состојба во земјава, особено во насока на деблокирање на евроинтегративниот процес по францускиот предлог и нагласуваат дека интеграцијата на земјата во Европската Унија е единствената опција без друга алтернатива за иднината на Северна Македонија.

Со оглед на тоа што францускиот предлог опфаќа отворање на Уставот и внесување на измени, од БЕСА нагласуваат дека тој момент може да се искористи и за уште една корекција на највисокиот акт во државата.

-Бидејќи францускиот предлог сам по себе подразбира уставни промени, ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на Уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението” да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик”, смета Беса.

Оттаму нагласуваат дека Владата нема капацитет, кредибилитет и легитимитет да управува со државата и побара организирање на предвремени парламентарни избори.