Беса ги повика нивните гласачи да ги поддржат кандидатите на Алијансата


Двата коалициски партнери во Владата се разделија пред вториот круг на локалните избори – Беса денеска ги повика граѓаните што гласале за неа да гласаат за кандидатите на Алијанса за Албанците. Но побара и гласачите на АА/А да гласаат за кандидатите на Беса. Партијата има големи шанси за успех во Тетово и Желино.

„Анализирајќи ги најновите случувања на политичката сцена, како и старо-новата коалиција меѓу ДУИ и ДПА, за вториот круг од локалните избори наметнува јасен став на  Беса против старите политики на овие две политички партии кои без никаков принцип и против волјата на своите гласачи се принудени да соработуваат само за да се заштитат едни со други. Затоа во вториот круг од локалните избори сите гласачи на  Беса да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците“, рече денеска на прес-конференција генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство, Арјанит Хоџа.

Во овој повик Хоџа не ја спомена Алтернатива. Тој рече и дека бараат од Алијанса за Албанците реципрочно да ги повикаат своите граѓани да ги поддржат кандидатите на Беса.