Берово ќе гради велосипедска патека од 22 км до Бугарија


Фото: Б. Грданоски

Велосипедска патека со должина од околу 22 километри е новиот одобрен проект, кој во следниот период ќе се реализира во Берово. Проектот, како што информираше за МИА градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, ќе се реализира во рамки на ИНТЕРЕГ ИПА Програмата Бугарија – Северна Македонија 2021-2027, преку Министерството за регионален развој и подобрување. 

Постоечката  – трасирана патека, како што соопшти Пекевски, ќе биде атрактивна локација за планински велосипедизам како туристичка понуда.

-Стартот на патеката е од меѓународниот асфалтен пат во туристичката населба Беровско Езеро, преку месноста Кукута  и месноста Бреза и завршува на Граничниот премин Клепало, каде се поврзува со асфалтен пат. Проектот  предвидува  изградба на место за одмор и рекреација – летниковец  од дрвен материјал на соодветна локација во месноста Кукута, соодветна сигнализција по целата велосипедска патека, со одбележување на сите локации, информира Пекевски.

Во рамки на проектот на соодветна локација предвиден е постоечки сервис за брза поправка на велосипеди кој ќе биде поставен на бетонска подлога и место за одмор, а ќе содржи комплетно опремена санитарија со корпи за отпадоци.

-Овој проект е меѓу првите осум проекти од Приоритет 3 „Интегриран развој на прекуграничниот регион“ од оваа програма. Средствата ќе бидат доделени за надградба на инфраструктурата, подобрување на пристапноста и проширување на понудените туристички услуги, што ќе придонесе развој на регионот и подобри услови за туризам, додава Пекевски, потенцирајки дека согласно предвидените средства 7,7 милиони евра,  ќе бидат инвестирани во 12 бугарски општини и 12 општини на Северна Македонија.

Очекува на овој начин да биде промовиран економскиот раст, да се  поттикнат иновации и одржливо користење на природните ресурси и да се збогати туристичката понуда во прекуграничниот регион.

Партнери на Општина Берово, во проектот се: Општина Струмица, Туристичкиот сојуз од Струмица, од Македонија и Општина Петрич, Општина Струмјани и Бизнис информационен и консултански центар – Сандански во Република Бугарија. Водечки партнер во проектот е Општина Петрич.