„Бехтел и Енка“ конечно ја почна изградбата на автопатите


Со минирање во близина на селото Горна Бањица, гостиварско, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ја започна изградбата на трите автопати, за чиј договор имаше многу контроверзи во јавноста. Почетокот на работата беше означен со пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани (30,1 километар) на Коридорот 8.

„Ова е прва реална активност со која почнува изградбата на двата коридора. Тоа што сите го очекувавме го реализираме денеска, а го ветивме минатата недела. Тука каде што стоиме поминува новиот автопатот Гостивар – Кичево, а материјалот од минирањето ќе биде искористен за Тетово – Гостивар и за страничниот пат од Тетово. На најтранспарентнен, најотворен начин ги вршиме работите за да се убеди јавноста дека коридорите ќе се изградат во рекордно време и најквалитетно“, рече првиот вицепремиер и координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10д Артан Груби.

Тој се огради од било какви влијанија за изборот на подизведувачи на „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10 Д

„Ниту Владата, ниту било која политичка партија или министер не смее, не си дозволува и нема право и никаква можност да влијае врз изборот на подизведувачи на конзорцуимот „Бехтел и Енка“, Нивна е одговорноста да го изградат патот и кого ќе изберат. Затоа што ако не го изградат патот во предвидениот рок од договорот, они всушност sносат одговорност за тоа прашање и за сите подизведувачи и за сите кои ќе си ги изберат како партнери во изградбата“, рече Груби на денешното почнување на градежните работи на Коридорот 8 делница Гостивар- Буковиќ.

Директорот на ЈПДП за државни патишта Ејуп Рустеми  изјави дека на конзорциумот „Бехтел и Енка“ му се префрлени над 176 милиони евра.

„Ниту Владата, ниту ЈПДП имаат каква било надлежност во изградбата и изведувањето на работите“, рече Рустеми.

На прашање од новинарите колку работници недостигаат во моментов, претставникот на „Бехтел и Енка“ рече дека во моментов имаат 300 работници и како и Груби претходно, и тој ги повика граѓаните да аплицираат за работа.

„Бројката кон средината на август беше 100, а сега имаме околу 300 и како што постојано велам, треба да бидеме 2.000 луѓе до средината на следната година“, рече претставникот на конзорциумот и додаде:

„Досега имаме 37 подизведувачи, 36 од нив се македонски компании. Ќе има уште многу како што ќе напредуваме со работата и навистина се радуваме што ќе можеме да работиме со локалните подизведувачи. Тоа се поединечни подизведувачи, ќе видите различни камиони“, изјави директорот на проектот Џошуа Бејкер.

Собранието во мај усвои повеќе законски измени со кои ќе им се олесни и забрза работата стратешкиот партнер за изградба на кордорите 8 и 10д, американско-турскиот конзорциум “Бехтел и Енка“, меѓу кои и измените на законот за работни односи со кои се овозможи прекувремена работа. Американската амбасадорка Ангела Агелер која и претходно даде поддршка за проектот рече дека едвај чека да ги види резултатите од изградбата на патот.

„Сите ние минавме низ овој мал кривулест пат за да стигнеме до тука и верувам како и многу граѓани на оваа земја, ќе имаме нов, убав, широк пат по кој ќе може да се вози и благодарна сум што работите се придвижија “, рече американската амбасадорка Ангела Агелер.

Со Договорот што го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“ е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10д. На „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени две транши, од 117 милиони евра и од 53 милиони евра согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10-д за 2023 година, со која за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра.

За да се овозможи изградбата на автопатските делници од двата коридори Собранието на 26 мај, откако веќе беше потпишан Договорот со „Бехтел и Енка“ донесе измени и дополнувања на вкупно пет закони. 

.