„Бехтел и Енка“ годинава на пост, Владата наместо 249 милиони евра, ќе им даде само 66 милиони

Со Ребалансот на Буџетот за годинава, парите наменети за делиниците што ги гради американско-турскиот конзорциум беа драстично намалени. Заклучно со август, тие годинава немаа добиено ни денар


 

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ денеска ќе ги презентира градежните активности на Коридорот 8 на делницата Гостивар – Букојчани, една од четирите кои што треба да ги заврши во наредните неколку години, но како што покажува извештајот за сработеното до август, тие годинава немале добиено ниту денар буџетски средства. Дали во меѓувреме нешто е променето, засега не е познато, но вчера првиот вицепремиер на Владата, Изет Меџити, изјави дека тој денеска заедно со премиерот и со министерот за транспорт, како и со претставниците на компаниите „Бехтел и Енка“, ќе бидат на терен на почетокот на интензивните градежни работи на Коридорот 8. Инаку, со Ребалансот на Буџетот за годинава, парите наменети за делиниците што ги гради „Бехтел и Енка“, беа драстично намалени, од 249 милиони евра на само 66 милиони. 

„Ќе бидеме во населбите Гостивар-Букојчани, на тој сегмент каде што ќе започнат интензивните градежни работи на Коридорот 8,“ изјави Меџити, посочувајќи дека во владината коалиција немало разлики за Коридорот 8.

Во последниот отчет за сработеното (заклучно со август), исто како и претходниот за месец јули, нема податоци дека Владата годинава префрлила средства за овој проект.

Во извештајот кој што е достапен на интернет страницата на Јавното претријатие за државни патишта (ЈПДП) пишува дека во текот на август 2024 година, Изведувачот („Бехтел и Енка“, заб.) продолжил да врши работи главно за геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации на автопатот и мобилизациски работи, како и градежни активности главно земјени работи и конструкции.

Сепак, во финансискиот дел, каде што се наведени финансиските трансакции помеѓу Министерството за транспорт и ЈП за Државни патишта под Програмата за финансирање на патната инфраструктура, последните пари биле префрлени на 29 декември лани во износ од 1.695.871.044 денари или околу 27,5 милиони евра.

Од страна на актуелната влада повеќе пати беше посочувано дека иако претходната Влада имала префрлено милиони евра на „Бехтел и Енка“, немало никаков напредок на работите на терен, односно дека немало изградено ниту милиметар автопат. Ако се земат предвид уште две трансакции реализирани ден претходно, на 28 декември 2023 година, едната од 669,2 милиони денари и другата од 261,8 милиони денари, тогаш излегува дека пред Нова Година, „Бехтел и Енка“ на сметката добиле вкупно околу 43 милиони евра. Или, за цела 2023 година вкупно беа исплатени околу 240 милиони евра.

Проектот предвидуваше исплати од околу 250 милиони евра само за оваа година, па поради отсуството на било каква трансакција заклучно со крајот на август годинава, го отвора прашањето за финансиската стабилност на проектот и можноста за идни доцнења.

Уште повеќе, со Ребалансот на Буџетот за 2024 година, донесен на 12 август годинава, ставката за капитални расходи во Министерството за транспорт, односно за инвестиции во патната инфраструктура беше драстично намалена, од 15,1 милијарда денари (245,5 милиони евра) на само 4,1 милијарда денари или околу 66,6 милиони евра.

Станува збор за потпрограмата 2М – Инвестиции во патна инфраструктура во рамките на која се опфатени активности поврзани со имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола). За наредната, 2025 година, за истата намена се проектирани 18,4 милијарди денари (околу 299,4 милиони евра), а во 2026 година, според буџетските проекции уште 16 милијарди денари или околу 260 милиони евра.

Според Извештајот за работењето на Јавното претпријатие за државни патишта во првиот квартал годинава, пак, објавен во мај, и потпишан од тогашниот директор Ејуп Рустеми, во програмата на ЈПДП за 2024 година за инвестиции за проектот „Бехтел и Енка“ се предвидени 18,79 милијарди денари (околу 273 милиони евра), а во првите три месеци биле реализирани само 321.203.705 денари односно околу 5,2 милиони евра, што е само 1,91 отсто од предвиденото.

Инаку, според Извештајот за периодот 1-31 август годинава, земјените работи продолжиле главно во Секцијата 2 (Гостивар – Букојчани, заб.), односно расчистување и откопување, отстранување на горниот слој на почвата, ископување на соодветниот материјал и обезбедување соодветен материјал за средствата за влечење и за насипите. До крајот на август 2024 година извршен е ископ од над 370.000 м3. Слично како и во извештајот за јули се посочува дека се осмислувал и дизајнот на придружните елементи како мостови, вијадукти, надвозници и потпорни ѕидови. Се вршело и отстранување на старата инфраструктура и се барале неексплодирани средства од минатите војни.

На крајот на август биле ангажирани 1.710 вработени лица, како и 757 градежни машини, што е пораст во однос на јули кога имало 1.389 ангажирани работници и 658 градежни машини.

Договорот со Бехтел и Енка предвидува изградба на вкупно четири автопатски делници, од кои три се дел од Коридот 8 (Тетово – Гостивар; Гостивар – Букојчани; Требеништа – Струга – Ќафасан), и една дел од Коридорот 10Д (Прилеп – Битола).

Вкупната должина на четирите делници е 109 километри. Коридорот 8 е клучна компонента на TEN-T патната мрежа за Западен Балкан, која ги поврзува Јадранското Море и Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Коридорот 10 Д е исто така е дел од проширување на основната и сеопфатната мрежа TEN-T до Западен Балкан што ги поврзува Северна Македонија и Грција. Овие коридори ја поврзуваат нашата земја со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија и Грција.

Работите свечено отпочнаа во март лани, но во текот на целата 2023 година немаше видлив напредок. Според договорот, сите четири делници треба да бидат завршени до декември 2027 година. Вкупната вредност на проектот е 1,3 милијарди евра. (М.Ј.)