БЕГ ќе мора да грее и на 16 степени


Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги одобри измените со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина, со кои се предвидува зголемување на температурните граници при прекин на работа на топланите.

Оттаму објаснуваат дека измените следуваат со цел да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.

„ Со измените кои ги одобривме практично се задолжува БЕГ во услови кога надворешната температура преку ден стигнува до 16 степени целзиусови да има испорака на топлинска енергија во домовите. Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување на одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност„ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Тој дополни дека потрошувачите кои се незадоволни од услугата од дистрибутерите на топлинската енергија може да поднесат приговор до РКЕ.