Барселона го врати полицискиот час по порастот на случаите на корона


Полицискиот час ќе трае од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро

Жителите и посетителите во Барселона повторно ќе мора да останат дома навечер откако регионалната влада на Каталонија доби дозвола за воведување полициски час.

Високиот суд на Каталонија даде зелено светло за да се вратат ограничувања, објави денес локалниот весник „Ла Вангардија“. Одлуката доаѓа по наглото зголемување на случаите во Шпанија, водено од ширењето на поинфективната варијанта Делта.

Полицискиот час ќе трае од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро во сите градови кои имаат повеќе од 400 случаи на секои 100.000 луѓе во текот на изминатите седум дена, во област што ја вклучува регионалната престолнина Барселона.

Регионалната влада веќе изјави во средата дека ќе се обиде да воведе ограничувања предвидени од страна на судовите. Судиите ја оправдаа одлуката наведувајќи ги „многу болните“ епидемиолошки податоци, кои „сите нѐ оставаат на толку лошо место“.

Одлуката уследи откако шпанскиот уставен суд пресуди дека некои од мерките за заклучување наметнати од националната влада на почетокот на пандемијата се неуставни.

Во меѓувреме, Европскиот центар за превенција и контрола на болести денес објави дека случаите со Ковид-19 се зголемени за 64,3 проценти во Европа во споредба со претходната недела, благодарение на ширењето на варијантата Делта.