Бараките во скопскиот парк изгореа, нема кој да ги расчисти остатоците

Ни Општина Центар, ни Судот, ни Владата не се сметаат за надлежни да го исчистат опожарениот шут од бараките, кој е на самиот влез во Градскиот парк


Опожарени бараки, Фото: Б. Грданоски

 

Бараките во Скопскиот парк на два пати беа зафатени од пожар – прво во октомври лани, а потоа и во јануари годинава, но јагленисаните остатоци по пожарот нема кој да ги исчисти.

Иако локациски се наоѓаат на територија на Општина Центар, од таму велат дека редовно се чисти околу нив, но дека тие немаат надлежност да го исчистат отпадот што настана по гасењето на пожарот.

Фото: Б. Грданоски

До пред три години овие бараки ги користеше Судот за прекршоци, па од Општина Центар нѐ упатија одговор да побараме од таму. Од Судот велат дека тие три години веќе не ги користеле бараките, немале ангажирано ни обезбедување, ниту пак таму имало документација која треба некој да ја чува. Со оглед на тоа што бараките се во државна сопственост, судот смета дека одговор треба да се побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Но, и оваа државна служба се иззеде од одговорност. Тврдат дека таа локација припаѓа на Општина Центар и дека тие се надлежни да го исчистат местото по пожарот.

Опожарени бараки, Фото: Б. Грданоски

Додека, трите институции си ја предаваат топката еден на друг, ова место, на почетокот на Градскиот парк изгледа многу лошо, а претставува и опасност за загадување на околината, почвата и воздухот.

Бараките се ноѓаат во близина на градскиот стадион, каде секојдневно минуваат многу луѓе, кои се приморани да ја свртат главата од непријатната глетка. Низ остатоците од дрвени греди, стакло и железо поминуваат кучиња, кои потенцијално може да рашират разни болести, а сето тоа во близина на местото кое скопјани го користат за рекреација, особено за викендите.

Инаку, првиот пожар се случи на 26 октомври лани, а од пожарот беше зафатен и ресторанот „Томче Софа“, додека вториот пожар се случи на 10 јануари годинава.