Барак: Израел ги изгради бункерите под болницата Ал-Шифа во Газа


Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак предизвика контроверзии откако во емисија на Си-ен-ен изјави дека Израел помогнал во изградбата на некои подземни простори под болницата Ал-Шифа во Газа.

Барак изјави дека бункерите што ги користел Хамас за терористички активности првично биле „изградени од израелски градежници“.

– Кога рековте дека се изградени од израелски инженери, дали погрешно кажавте?, го праша Кристијан Аманпур.

– Не, не, знаете, пред неколку децении го водевме местото … па им помогнавме … им помогнавме да ги изградат тие бункери за да овозможат повеќе простор за работа на болницата, наведе Барак.

„Тајмс оф Израел“ објави дека видеото е широко распространето на интернет и е претставено од израелските критичари како доказ дека Израел лаже дека Хамас гради тунели под Ал-Шифа и го користи медицинскиот комплекс за да се заштити од израелските напади.

Израелските власти тврдеа дека Хамас првично го присвоил подрумот на болницата, изграден од Израел кога сè уште владеел со Газа, и дека терористичката група оттогаш ископала уште неколку ката и додала тунели за да го направи местото центар на својот огромен подземен лавиринт.