„Балконот“ на Албанскиот театар и „Женска гардероба“ на Театар Комедија на сцените во Прилеп


Со претставата „Балконот“, Албанскиот театар од Скопје вечерва во 19.30 часот ќе гостува во Прилеп, на официјалната програма на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“. Терминот од 22 часот на шестиот ден на фестивалот е резервиран за Театар Комедија од Скопје, кој ќе ја изведе „Женска гардероба“ на сцената на Театарот „Војдан Чернодрински“.


И денеска во 10 часот во киното „Мис Стон“, во рамките на програмата „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, со свое видување на драмата „Вејка на ветрот“ ќе се претстават учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп – Вања Младеновски, Теодора Велкоска, Бојана Најдоска и Исидора Николоска, под менторство на наставничката Билјана Тинтоска и асистентот Филип Стојаноски.

На пладне следуваат вообичаените разговори на тркалезната маса овој пат со екипите на претставите „Циркус Пирандело“ од Струмица и на турската претстава „Човек перница“.

За режисерката Софија Ристевска, ваквите средби се исклучително важни за македонскиот театар и само преку интернационални средби, се отвораат националните театарски средини.
Вчера се разговараше и за претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, на Театарот за деца и младинци.

Полетна, енергична, креативна… вака беше оценета претставата на Театарот за деца и младинци, која ја одушеви публиката и критиката во Прилеп. Режисерот- гостин од Чешка имал јасен концепт уште пред да дојде во Скопје и затоа процесот на работа течел многу едноставно.

-Кога режисерот има цел концепт, многу е полесно да се обликува претставата. Сценографијата (дрвените столчиња кои значеа сѐ) беше уникатна – рече актерката Катерина Илиевска-Силјановска и директорка на Театарот.
Идејата на режисерот беше магијата да се создава на сцената. Наше беше како од столчињата да создаваме сцена, сподели актерката Матеа Јанковска, што ја толкува насловната улога.

Режисерот Јакуб Максимов е млад, ултракреативен и ги скрши правилата за тоа како се игра куклена претстава, истакна нејзиниот колега Никола Наковски.

– Само првата проба беше „читачка“. На втората, веднаш бевме на сцената. Имавме готови кукли. Немаше правила, туку многу креативен начин. Еден нов правец во правење куклена претстава – рече Наковски.

За Ангела Димитрова било посебно провокативно што истражувале и што сите движења
ги работеле на лице место.

Заеднички беше заклучокот на присутните на тркалезната маса дека претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ постави нови стандарди, не само за Театарот за деца, но и за сите други театри во земјава.
На фестивалот вчера се одржа и тркалезна маса со екипата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски.

Задржувајќи го концептот радоста на играта и пркосот на креацијата, на прашањето дали режисерката Зоја Бузалковска работела според франшиза за претставата, таа објасни дека морала да изгледа најмалку стотина клипови, музички и филмски и е среќна што не ја работеле претставата според строго пропишани правила.

– Ова е претстава во која секој го погледнува своето преку Кристофер, со специфики, форми и бои, да останеме свои, но да бидеме Кристофер. Пробите ги започнавме пред ковид пандемијата. Создадов тим што ја прифати претставата од многу аспекти. Игра цел тим за еден свет и секојдневно се надминуваа лимитите. Има филмски јазик, брзи промени на сцена, но при тоа има и удобност – рече Бузалковска.

Специфичниот лик во претставата, кој е присутен цело време на сцената, го игра Дамјан Цветановски, кој го исчитал текстот и романот и откако ги разбрал се поистоветил со ликот.

-Непресудно е тоа што текстот во себе содржеше низа скали… Во романот има доста правила како се разбира и како функционира Кристофер и откако ги разбрав, се состоеше да се разбират правилата… Радоста дојде попатно. Најважното за претставата е дека е преземена од тоа дете, на кое што му е потребно се тука… – рече Дамјан.

Според драматургот Александра Бошковска, во претставата актерите создаваат повеќе ликови, но сите со поддршка на Кристофер.
– Процесот се случуваше спонтано, пробите беа со маски. Од многу комплицирани елементи, процесот можам да речам дека беше спокоен, прецизен и отворен – рече Бошковска.
Според Емилија Мицевска, многу е важно што им приоѓаат родители со аутистични деца и им се заблагодаруваат за претстава, која досега е одиграна 22 пати.
Александар Степанулески, истакна дека сите ликови во претставата се претставени како Кристофер ги гледа другите, во каков свет живеат, толку колоритен и никогаш не е патетичен. Нашата брканица со целата тема, беше границата до каде ќе бидеме патетични, во еден колоритен свет.