„Balkans beyond borders“ – проекција на македонски краткометражни филмови во Атина


Преку фестивалот за краткометражни филмови „Balkans beyond borders“ љубителите на филмови во Атина, особено на краткометражните, во изминатите четири дена имаа можност да уживаат во проекции од повеќе земји, а синоќа беа прикажани македонски краткометражни филмови, јави дописничката на МИА од Атина.

Фестивалот „Balkans beyond borders“ оваа година се одржа во Битола, а помалку од два месеци подоцна краткометражните филмови патуваа во Атина, проект поддржан од амбасадата на Северна Македонија во Грција.

Публиката во киносалата синоќа имаше можност да ги погледне филмовите „Solo mode“ на Тамара Котевска, „Wigs“ на Ангела Димеска, „Living in a bubble“ на Никола Дрвошанов и „Dust flowers“ на Мирослава Илиќ, а пред почетокот на проекциите публиката ја поздрави амбасадорка на Северна Македонија во Грција Лидија Бошковска, која се осврна и на големата филмска традиција на Битола, градот што кон средината на октомври беше домаќин на 13-то издание на  „Balkans beyond borders“.

 

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, директорката на Фестивалот Василики Малтасоглу, како и нашата амбасадорка во Грција Лидија Бошковска, ја истакнуваат важноста на Фестивалот, како за промоција на самите филмови, така и за соработката меѓу двете земји.

Амбасадорката вели дека е особено позитивен фактот што беше овозможено публиката во Атина да ги види проекциите и да се запознае со македонскиот краткометражен филм.

-Филмскиот фестивал „Balkans beyond borders“ за Северна Македонија е од особено големо значење затоа што во Атина за жал на културно ниво сме многу малку присутни и ова е една исклучителна можност да се види македонско говорно подрачје, друга димензија е можноста да се следи алтернативен филм, бидејќи не е тоа класичен долгометражен филм итн, а третата димензија е што ги промовира младите автори што сега се докажуваат на сцената и како режисери и како сценаристи, а и во драмскиот дел, како актери, вели амбасадорката Бошковска.

Директорката на Фестивалот Василики Малтасоглу за МИА објаснува дека„Balkans beyond borders“ секоја година патува во различен град, за 13-то издание нивната соработка беше со Северна Македонија односно со Битола, а традиционално краткометражните филмови ги носат и во Атина.

Преки проекцијата на македонските краткометражни филмови, во соработка со Синедејс од Скопје, Малтасоглу вели дека целта е да се истакне соработка што може да претставува мост меѓу двете земји.

-Целта на Фестивалот уште од самиот почетокот беше да ги приближиме балканските народи бидејќи видовме дека постои непознавање меѓу народите и единственото што во суштина постои се стереотипи кое сакаме да го побиеме. Па така со помош на краткометражните филмови сакаме да ја постигнеме оваа цел. Филмовите, се еден многу лесен начин на гледачот да му донесеме една друга реалност и во исто време да ги спореди неговите искуства со она што го гледа, па така полека полека ги проширува неговите хоризонти и знаења. Ова се обидуваме да го постигнеме сите овие години и затоа патуваме на Балканот, истакнува директорката на Фестивалот.

Во однос на тоа колку оваа цел е постигната, Малтасоглу објаснува дека краткометражните филмови не се нешто што е многу познато за публиката, меѓутоа продолжуваат со нивните напори иако потенцира дека тие како организатори се задоволни и од приемот и од соработката во Битола.

-Сакаме да ја задржиме соработката. Соработката со амбасадата на Северна Македонија ја сметаме за почеток за дополнителни активности, па дури можеби да има проекција и на долгометражен филм во Атина. Можат да се направат многу работи. Ова е почеток за други заеднички активности во Грција, истакнува Малтасоглу.

Амбасадорката Бошковска објаснува дека проектот за одржувањето на „Balkans beyond borders“ во Атина, амбасадата го помогна во соработка и со Министерство за надворешни работи и со Министерството за култура.

По синоќешната проекција на македонските краткометражни филмови се одржа и свеченото затворање кое беше организирано од амбасадата на Северна Македонија во Грција.

-Ова е 13-то издание на „Balkans beyond borders“, нашата амбасада го спонзорираше целиот овој настан меѓу другото и со овој свечен, неофицијален дел. Тука би ја истакнала улогата и на нашиот Директорат за јавна дипломатија којшто опфаќа и културна дипломатија и тука би рекла дека во многу краток период ни се случија два многу убави настани од областа на културата. Покрај овој фестивал, пред неколку дена, нашата Теона Стругар Митевска беше наградена од Panorma of European Cinema од стручното жири за нејзиниот филм „Најсреќниот човек на светот“, истакна амбасадорката Бошковска за МИА.

Оваа година домаќин на Фестивалот „Balkans beyond borders“ беше Битола од 19 до 22 октомври, првата награда за филмот од Словенија ја спонзорираше  Министерството за култура.