Бајден вети враќање на САД во Парискиот климатски договор
Новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден денеска вети дека САД повторно ќе се приклучат на Парискиот договор за климата на првиот ден од неговиот претседателски мандат.
Бајден тоа го соопшти во писмената изјава пред почетокот на виртуелниот самит за климатските промени на светските лидери, на кој не присуствуваше американскиот претседател во заминување Доналд Трамп, откако го повлече Вашингтон од Парискиот договор.
„САД повторно ќе се приклучат на Парискиот договор на првиот ден од мојот мандат. Веднаш ќе започнам да работам со колегите ширум светот за да сториме сè што можеме, вклучително и свикување лидери на водечките економии на климатскиот самит во првите 100 дена од мојот мандат”, рече Бајден. .
Тој го повтори ветувањето дека неговата администрација ќе се обиде да ги намали емисиите на штетни гасови на нула до 2050 година.