Азербејџан сака да ја снабдува Македонија со гас, но недостига инфраструктура, вели Амирбајов


Како Македонија да се снабдува со природен гас од Азербејџан, еден од најголемите производители на овој енергент и алтернативен извор на рускиот гас? Ова едно од прашањата кои што често се поставуваат и во домашната јавност, уште од пред пет години, а и сега кога земјава се приклучува кон интерконекторот во Александрополис во соседна Грција.

Според Елчин Амирбајов, специјален пратеник на претседателот на Азербејџан, кој престојуваше во дводневна посета на земјава, ова не е прашање за Азербејџан. Тој во интервју за МИА вели дека Азербејџан е снабдувач на гас и би биле среќни да достави природен гас во Северна Македонија.

„Но проблемот е во недостиг на потребниот преносен капацитет или дистрибутивна мрежа, всушност недостига самата инфраструктура. Ваков беше случајот и со вашиот сосед, Албанија. Изградбата на дистрибутивна мрежа, која не само што би ви овозможила да го добиете нашиот гас, но и да го доставите до домовите, е обично обврска на земјата која увезува гас. Ова би можело да биде тема на разговор помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, бидејќи ЕУ навистина го поддржува Јужниот гасен коридор. Што се однесува до нас, ние сме подготвени да ја додадеме Северна Македонија на листата со земји кои увезуваат гас“, вели Амирбајов.

Тој во интервјуто вели дека Азербејџан успешно завршил огромен проект во 2020, Јужниот гасен коридор, кој всушност пренесува природен гас од Азербејџан, од нивниот дел од Каспиското Море, низ шест држави, до Италија и други држави.

„Наскоро бројот на држави кои добиваат природен гас од Азербејџан ќе достигне десет. Мислам дека и Северна Македонија пројави интерес да увезува природен гас од Азербејџан, но покрај ова мислам дека Азербејџан би можел да биде привлечен пазар за македонски производи и обратно“, вели тој.

На прашањето кога во земјава би стигнувал гас од Азербејџан како тоа би влијаело врз цените, кои сега кај нас се највисоки за овој енергент во целиот регион, Амирбајов вели дека вообичаено, колку повеќе извори на гас има, толку е нивната цена поконкурентна и пониска за потрошувачите, што е едно од правилата на пазарот.

„Доколку имате дополнителни извори на гас тогаш тоа позитивно ќе ви влијае на цените“, вели Амирбајов .

Тој во интервјуто за МИА се осврнува и на потенцијалот за економска соработка помеѓу Азербејџан и Северна Македонија за што вели дека сè уште не е искористен, иако има многу можности, поради што треба да има почести контакти, не само помеѓу властите туку и помеѓу бизнис заедниците, преку различни бизнис форуми, делегации од соодветните министерства.

„Потребен е редовен канал на комуникација во однос на стопанските и трговските можности“, вели тој во интервју за МИА 

Како една од главните причини за ниската трговска размена меѓу Себерна Македонија и Азербејџан, Амирбајов го посочува недостигот на знаење за економските можности во двете држави и смета дека би требало да има редовен канал на комуникација во однос на стопанските и трговските можности.

Како што вели, неговата посета во нашата земја има две цели.

„Прво, тоа се билатералните односи со македонските власти, зашто, како што знаете, за две години ќе ја прославиме триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатски односи и ова е добро време да видиме што сме постигнале и што уште може да направиме. Втората причина е да ги информираме македонските колеги за моменталната ситуација во однос на безбедноста на регионот што јас го претставувам, Јужен Кавказ, поконкретно околу тековниот мировен процес помеѓу Азербејџан и Ерменија, со оглед на тоа што Северна Македонија оваа година претседава со ОБСЕ, каде што Азербејџан е држава членка“, вели Амирбајов.

Целото интервју ТУКА: