Автомобилско шоу на Пониква – изложба на двесте автомобили


На локалитетот Аеродром, на Осоговските Планини, вчера неформална група граѓани од Кочани, љубители на автомобилизмот, организираа автомобилско шоу.

На Пониква беа изложени околу 200 автомобили на сопственици од Македонија и Србија.

Координаторот на настанот, Александар Митрев истакна дека се изложени спортски и уникатни возила, олдтајмери и специјално модифицирани проекти. Изложбата посветува внимание и на учеството на дамите во автомобилската сцена, со посебна категорија што го истакнува нивниот стил, посветеност и креативност во уредувањето на возилата.

– Сакам искрено да им честитам на организаторите за идејата, ентузијазмот и за трудот што го вложија за овој настан да стане реалност. Општина Кочани ќе продолжи да ги поддржува иницијативите што го збогатуваат општествениот живот, го промовираат нашиот град и создаваат нови можности за дружење, туризам и развој, особено овде, на Осоговските Планини – изјави градоначалникот Владко Грозданов.

Покрај изложбениот дел беа организирани и други активности и натпревари, со цел да се создаде динамична и атрактивна атмосфера за сите посетители и учесници, а најуспешните модели беа наградени.

Организаторите истакнаа дека настанот е израз на длабоката љубов кон автомобилите на нивни другари кои трагично ги загубија животите во пожарот на 16 март 2025 година, а посетеноста и бројот на учесниците се доказ дека автомобилската култура и заедништвото имаат силна поддршка во Кочани.