(Видео) Автомобилскиот висечки мост „Љубљанска“ ќе биде нов симбол на Скопје


Фото: Б. Грданоски

Во наредните 18 месеци се очекува да биде готов автомобилскиот висечки мост „Љубљанска“ што ќе ги поврзува улицата „Скупи“ со булеварот „Илинденска“.

Мостот вреден шест милиони евра, ќе биде широк 24 метри и четири коловизни ленти, пешачки и велосипедски ленти од двете страни, а ќе значи нова врска и спојување на градот, граѓаните и нивна комуникација.

Фото: Б. Грданоски

Како што најавија премиерот Зоран Заев, првиот заменик–премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев кои направија увид во почетокот на изградбата на мостот, се работи за капитален проект и архитектонско чудо кое претендира да стане нов симбол на Скопје.

-Мостот „Љубљанска“ е прв висечки и ќе биде запамтен како архитектонско чудо. Ќе ја растовари и избалансира сообраќајната фреквенција, ќе овозможи брз пристап од скопската Обиколница до Општина Карпош, поврзување на општините Ѓорче Петров, Бутел, Чаир и Шуто Оризари, ќе значи нова и подобра комуникација не само на Скопје, туку и на граѓаните, истакна премиерот Заев.

Фото: Б. Грданоски

Според Шилегов, се очекува мостот да биде во функција кон средината на 2023 година.

-За само четири години почнуваме со изградба на вториот мост, кој на секој начин е спојување на градот, луѓето и нивна комуникација, истакна Шилегов.

Средствата за изградбата се обезбедени преку ТАВ програмата.

На настанот што го организира Град Скопје, присуствуваа и претставници од раководството на компанијата ТАВ, Метин Батак, Неџат Курт и Фатих Кан.