Автобусите од Железничка, преку „Пластичарска“ до Центар


Фото: Б. Грданоски

Приватните автобуски превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ веќе втор ден оваа недела протестираат со блокади на три важни сообраќајни точки во Скопје. Тие очекуваат решение за нивните барања, односно да се подмири или евентуално да се почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие го има кон нив.

Денеска, автобусите од Аеродром, кои поминуваат низ Центар, кон населбите на другиот крај од градот, возеа „панорамски“. полицијата после Железничка, ги насочуваше по мостот кон „Ист гејт мол“, па по клучката пред „Континентал“ продолжуваа по „Пластичарска“, преку Калето, излегуваа пред Влада.  

Фото: Б. Грданоски

Јавниот сообраќај во Скопје, никогаш не би попроблематичен, без доволно возила, со раскинати договори со приватните превозници кои опслужуваат десетина линии. Блокадите на неколку крстосници во центарот на градот, ги принудија скопјани да излегуваат цел час порано од дома за да стигнат до посакуваната дестинација. Сообраќајот се движи забавено, но возачите како да имаат трпение и ги следат насоките од полицајците. Но, ова е далеку од идеално, далеку од најавениот бесплатен превоз, далеку од најавените нови автобуси, далеку од еколошки, далеку од градски. Некои се принудени со велосипеди да доаѓаат на работа. Сите го избегнуваат градскиот превоз, а нервозата расте.

Фото: Б. Грданоски

Во однос на вчерашната изјава на телевизиско гостување на министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, дека Владата има инструменти за отстранување на блокадите од страна на приватните превозници во Скопје, директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за МИА рече дека протестите се законски најавени и дека ако мислат дека нешто е погрешно и можат да направат нешто, тоа нека го направат.

-Ако некој мотивира насилство во демократска држава каде што протестите се уставно загарантирано право, тогаш тоа треба да загрижи многу фактори во и надвор држава, изјави за МИА Јовановски.