Автентичниот фестивал „Запознај ја Преспа“ од 23 до 25 јуни


Tромеѓето на Преспанското Езеро oд 23 до 25 јуни, по петти пат е локација за автентичниот фестивал кој спојува музика, уметност, традиција, гастрономија и работилници за иден развој на туризмот во овој регион. Со овој фестивал, преспани од трите земји кои ги делат убавините и мистериозната енергија на Преспа, ја испраќаат нивната порака за европска Преспа без граници.

Со разновидна програма која опфаќа гастрономија, еко-уметност, работилници, презентации за туризам и презентирање на грантова програма на ЕУ за овој регион, овој уникатен фестивал ветува незаборавно искуство, преку еуфорична прослава на единството, креативноста и заедничкото наследство.

Фестивалот започнува во селото Брајчино, сместено на падините на Пелистер, а оддалечено само пар километри од езерото, каде уметникот Никола Узуновски подготвува изложба и еко-арт инсталации во природа.

РеактАрт – што е во суштина уметничка резиденција „Преспа 2023“ во која се вклучени група млади уметници: Доротеј Нешовски, Неда Дамчевска, Грегорис Миргиотис, Ива Станковска, Душан Стефановски, Јана Николовска, Јована Марковска и Ардијан Ајдиниy ќе имаат своја презентација. На мостот во с. Брајчино, Мирко Попов ќе има свој сет со винили.

Планирана е работилница за перспективите на Преспа како туристичка дестинација во Крани, на која туристички работници и производители на локални продукти од трите држави кои ги делат водите на Преспанското Езеро ќе разговараат за потенцијалите и потребите.

Шеснаесет Диџеи кои доаѓаат од трите земји кои го делат езерото, во сабота „Од зајдисонце до изгрејсонце” на познатата локација „Дупени бич“ ќе имаат свои сетови.

Идејата и оваа година е да се започне од магичното зајдисонце по кое е позната Преспа и да се чека изгрејсонцето утредента во друштво на преспанските пеликани.

В недела, фестивалот завршува со посета на селото Љубојно каде што презентација на европскиот фонд за Преспа EU4Prespa ќе направат Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски интеграции , Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ и Јован Тозиевски, градоначалник на општина Ресен.

А сите гости гурмани ќе го вкусат вкусот на Преспа, преку кулинарските знаења кои ќе ги презентираат угостители и чувари на тајните на преспанските традиционални рецепти од трите страни, преку традиционалната преспанска храна и земјоделски производи произведени во регионот.

Организатори на фестивалот здружението Преспа ГРАД, с. Љубојно“, DMO Destination management organization Korcha, Prespa Tourism Association Lemos и општина Ресен.

Содржините на фестивалот се подржани од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за култура, Секретаријат за европски прашања и фондовите на ЕУ, преку Делагацијата на ЕУ.