Австрија сака да ја намали зависноста од американскиот течен природен гас со увоз од Африка


Австрија се стреми да го прошири производството на обновлива енергија и да увезува повеќе гас од Африка за да избегне прекумерна зависност од американскиот течен природен гас (LNG) во контекст на промените во снабдувањето со енергија на ЕУ, изјави државната секретарка за енергетика Елизабет Зехетнер.

Европската унија ќе престане да увезува руски течен природен гас (LNG) до крајот на 2026 година и увоз на гас преку цевковод до 30 септември 2027 година, поради санкциите кон Москва поради војната во Украина. Европските земји сега купуваат гас главно од Норвешка и САД, по повисоки цени.

Многу влади стравуваат дека зависноста од рускиот гас ќе биде заменета со зависност од американскиот течен природен гас, поради зголемените трговски тензии и политичките промени под претседателот Доналд Трамп.

Зехетнер е меѓу министрите од 38 земји на ОЕЦД кои се собраа на состанок на Меѓународната агенција за енергија (IEA) во Париз за да разговараат за енергетската безбедност.

– САД се непредвидливи денес, па затоа ние во Австрија сме навистина внимателни да набавуваме LNG од повеќе извори. Не сме увезувале руски гас од почетокот на минатата година, но сега се соочуваме со истиот проблем со течниот природен гас (LNG). И ако повеќе од 40 проценти од европскиот увоз на LNG доаѓа од САД, мора да се запрашаме дали не сме ја замениле едната зависност со друга, изјави австриската државна секретарка за енергетика Елизабет Зехетнер.

Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, во вторник, го критикуваше фокусот на IEA на политиката за обновлива енергија и клима, повикувајќи ја Европа да купува повеќе американски LNG по, како што рече, ниски цени.

Зехетнер, пак, истакна дека повеќето министри потврдиле на првиот состанок во среда дека имаат намера да произведуваат повеќе енергија од обновливи извори бидејќи таа е домашно произведена и евтина. Гасот е сè уште клучен за стабилно снабдување, нагласи австриската функционерка.

– Домашното производство е посигурно од кој било увоз… но знаеме дека ќе бидеме зависни од гасот во наредните децении. Единственото прашање е како ќе живееме со оваа зависност, рече Зехетнер. Австрија, рече таа, се надева дека ќе увезува повеќе гас од Африка, преку гасоводот Трансмед преку Италија.

Виена, исто така, сака поголем увоз од романското поле Нептун Дип во Црното Море, кое го развива австриската компанија ОМВ, а производството е планирано да започне следната година.

Австрија веќе увезува гас од Норвешка, САД и Катар.

На прашањето за потенцијално враќање на рускиот гас, Зехетнер рече дека Австрија би претпочитала да купува обновлива енергија од Украина, но додаде дека доколку се постигне мировен договор прифатлив за Киев, би можела да размисли за увоз на дел од рускиот гас.

„Што се однесува до улогата на Русија… ја научивме лекцијата и повеќе не сакаме да бидеме зависни од никого“, заклучи австрискиот функционер.