Авантура или не – најголеми губитници од штрајкот на наставниците се учениците

Никој не знае како ќе заврши оваа учебна година, но едно е јасно - најголеми губитници се учениците. Тие веќе загубија четири недели во второто полугодие


Јаким Неделков од СОНК со наставници што штрајкуваа од училиштето „Димитар Македонски“ во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Штрајкот во образованието и градинките трае веќе девет работни дена, учениците губат часови, родителите се снајдуваат да ги згрижат децата по роднини, СОНК бара зголемување на платата од 18,4 отсто, а Владата дава само 10 отсто.

Договор нема, а штрајкот продолжува, но со тоа и притисоците. Најпрво оние човечките, што потекнуваат од фактите. Учениците не посетуваат настава, нема нови лекции, нема испрашување, нема тестови, нема ни оценки. За сите! Од прво одделение до завршна година во средно. Особено оние во завршните години, деветто одделение, ученици кои треба да се запишат во средно образование, да одберат професија или продолжување со гимназиско образование, и оние кои завршуваат со средното образование и треба да се запишат на факулетет се под притисок. Кога ќе биде матурата, ќе ги пропуштиме ли роковите за упис? Ќе бидат ли поместени роковите, ќе бидат ли продолжени? Овие прашања се поставуваат на родителите, кои креваат раменици и смируваат,дека сѐ би требало да биде добро, но ни тие не се сигурни.

Фото: Б. Грданоски

На ова се осврнаа од Сојузот на средношколци кои преку соопштение рекоа дека штрајкот на СОНК влегува во деветтиот ден, што значи дека учениците веќе имаат пропуштено цели две работни недели од редовниот образовен процес. Тие предупредија дека тоа е особено  проблематично за матурантите. Многумина од нив може да ги пробијат државните рокови, кои пак негативно ќе им се одразат на амбициозните матуранти кои сакаат да студираат во странство.

„На пример, рокот за полагање на проектната задача истекува на 21 април. Затоа потребно е итно решавање на проблемот“, велат од Сојузот на средношколци.

Тие потсетуваат дека веќе изгубија цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст.

„Со ваквата поставеност на работите, средношколците веќе три години се вон нормалниот образовен процес“, велат од Сојузот на средношколци.

Притисоци на кои укажува СОНК

Можеби како најголем притисок од СОНК е оценето укажувањето од Владата дека на просветните работници кои се во генерален штрајк нема да им се исплатата дневниците за тој период туку само придонесите.

Од СОНК го оценија како еден во низата притисоци со кои се обидуваат да ги присилат на договор и продолжување на наставата.

 „Тие ниски удари и тие закани што во текот на викендот и претходната недела ги трпиме, нема да нѐ поколебаат. Кратењето на дневниците и заменските наставници не значат ништо. Прво се обидоа со заменски наставници, па видоа дека не можат да се најдат такви луѓе. Со кратењето на дневниците, не знам по кој основ како ќе ги скратат кога ние сме 8 часа во градинка тука“, изјави Мирјана Китановска, претседател на синдикална организација во градинката „ 8 Март“ во Кисела Вода.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на една прес-конференција рече и дека се вршел мобинг врз штрајкувачите и притисоци со закани особено врз штрајкувачите во градинките.

„МТСП и директорите наместо да изнајдат решение на четвртиот ден од штрајкот се обидувале да заплашат штрајкувачи“, вели првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, кој се пожали и на нехумани услови за штрајкувачите.

Вчера пак се обиде да објасни дека плата на штрајкувачите треба да им исплати работодавачот доколку штрајкот се должи на повреда на правата на работниците, а со Законот за минимална плата и неусогласување на останатите плати, Неделков смета дека правото им е нарушено.

„Освен законското право за исплата на плата при штрајк, постојат и членови во колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето дневници за време на штрајк и во кои се вели дека работодавачот е должен да исплати надомест на плата за работниците за време на штрајк кои учествувале во штрајкот во висина од основната плата на работникот доколку синдикатот организирал штрајк заради кршење на правата на работниците утврдени со закон, колективен договор или акт на работодавачот. Според тоа, не треба да се заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневници за деновите во штрајк“, рече Неделков.

Димовски од ССМ: Штрајкот не е авантура

Иако штрајкувачите предводени од СОНК беа поддржани од повеќе други синдикати како и од Сојузот на синдикати, денеска претседателот на ССМ, Дарко Димовски, рече дека водачот на штрајкот треба јасно да ги извести штрајкувачите што ќе се случи доколку штрајкуваат и кои се правилата на игра.

Димовски упати критики до претседателот на СОНК, Неделков. Во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, Димовски рече дека штрајкот не е авантура и дека СОНК требало да им каже на просветните работници што ќе се случи доколку штрајкуваат.

„Ние на СОНК му дадовме безрезервна поддршка … се до вчера. Вчера не ми се допадна излагањето на претседателот Јаким Неделков бидејќи можеше барем да ја говори вистината до крај и кога ќе ги поведе луѓето на штрајк, зборувам за просветните работници, требаше да им каже што ќе се случи доколку штрајкуваат и кои се правилата на игра во штрајк“, истакна Димовски.

Дарко Димовски, претседател на ССМ, Фото: Б. Грданоски

Тој смета дека треба да им се помогне на работниците во овие тешки моменти на инфлација и криза, но вели дека ветувањата што синдикалците ќе ги дадат пред работниците треба да се темелат на закони и колективни договори.

„Секој има право да го оствари штрајкот, но мора да кажам – штрајкот не е авантура. Она што ќе го ветиш пред работниците како прв синдикалец, без разлика на која гранка припаѓаш, треба да го исполниш. Тоа ветување треба да го базираш врз основа на закони, колективни договори и кога ќе го поведеш членството во штрајк, да останеш доследен синдикален лидер и да не се пазариш, туку доследно да ги применуваш законите и колективните договори, односно одредбите кои се пропишани во нив“, рече Димовски.

Учениците во недоумица

Уште при најавата за штрајк претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ, рече дека „кога тие штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани“ и прашаа „кој ќе им пишува неоправдани на професорите?“.

Ученици во Средно медицинско училиште (Фото: Б. Грданоски)

Во дел од училиштата, средните, наставниците кои не штрајкуваат држат часови. Во некои училишта, на почетокот на штрајкот, наставниците кои не го поддржуваат штрајкот држеа часови. Во некои од скопските гимназии не се учеше, но во неколку имаше редовна настава. Како штрајкот продолжуваше, учениците престанаа да одат на настава, затоа што сфатија дека нема никакви последици за нив. Професорите кои не штрајкуваат се плашат нивното инсистирање да држат настав да не се сфати како притиок. Сега има училишта каде наставниците држат часови, но само на 5-6 ученици, додека другите не доаѓаат. Целиот образовен процес е доведен во конфузија, а најголеми губитници се учениците.

Никој не дава одговор како ќе се надомести загубеното, никој не дава одговор. Од СОНК се иззедоа од одговорност, затоа што не било во нивна надлежност организирањето на наставата, но велеа дека ќе можат да ги надокнадат часовите до официјалниот крај на учебната година. Како – тоа изгледа сосем нејасно. Второто полугодие почна со задоцнување од две недели поради експлозијата на ковидот. Сега уште две недели поради штрајкот. До крајот на учебната година има уште месец и пол, а треба да се надокнадат четири загубени недели. Мисли ли некој воопшто на учениците.

Од Министерството за образование предупредуваа дека овие денови ќе треба да се одработат, но ако се знае дека Законот за образование беше сменет неодамна, поради ковид-кризата, место задолжителните 180 учебни дена се воведе ставка која вели дека учебната година трае 160-180 дена, тогаш остануваат уште неколку дена за калкулација. Никој не знае како ќе заврши оваа учебна година, но едно е јасно – најголеми губитници се учениците.