АВАЈА предлага државјанство да се дава со потврди од НВО
Врз основа на јавните информации изнесени во јавноста после преговорите помеѓу Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, во насока на разговорите за решавање на проблемот со немањето државјанство на одреден број граѓани меѓу кои се и Ромите, Аваја ја изнесува следната реакција и предлог решенија за проблемот.
Реакцијата и загриженоста на граѓанското движење Аваја е во насока на документите кои се наведуваат како потребен доказ за добивање на државјанство бидејќи лицата без државјанство од ромска етничка припадност не може да поседуваат ниту еден од наведените документи : ученички и здравствени книшки, работнички и штедни книшки во банки, сметки за платена електрична енергија, греење или вода, докази за имот, потврда за платен данок, недвижен имот, земјоделско или друго даночно решение, потврда за извршено лекување во здравствен дом или други докази од здравствените власти со кои што се потврдува постојаното живеење на територија на Република Северна Македонија.
Имено лицата кои што немаат државјанство, а по распадот на СФРЈ многу лица кои што ги пропуштиле предвидените рокови од најразлични причини за добивање на државјанство согласно тогашните закони (немање на средства или подоцна вратени од азил или биле во државата меѓутоа имале стари документи или стара лична карта од Социјалистичка Република Македонија и сл.) најчесто немаат имот на свое име или пак живеат во нелегализирани објекти. Немањето на имот на свое име значи дека овие лица не можат да извадат лична карта со соодветна адреса. Со немањето на адреса се оневозможува добивање на сметка за струја, вода или пак било која давачка на свое име. Најчесто децата на овие родители и да посетувале училиште не биле во можност да добијат свидетелство или книшка поради лавиринтите на системот. Штедни книшки или сметки во банка се исто така документи кои не ги поседуваат овие лица.
АВАЈА предлага о наведените документи како еден од потребните докази за добивање на државјанство да биде потврда/документ издаден од страна на правно лице НВО, регистрирано согласно законите во државата. Во нашата држава постојат невладини организации кои долги години работат со овие лица преку различни програми и проекти и кои може официјално да го потврдат живеењето на овие лица на територија на државата. „Станува збор за НВО кои имплементирале проекти во најразличните сфери како што се едукативни проекти, проекти за документација, застапување и сл. пришто НВО можат точно да го наведат периодот на почетокот на работа со овие лица“, велат од граѓанското движење.