„АстраЗенека“ бара фабрики во Европа за производство на нејзината вакцина
Со произвеодствените погони што ги има „АстраЗенека“ не може да излезе во пресрет на барањата за вакцината што таа ја разви заедно со Оксфорд. Британско-шведската фармацевтска компанија бара производни погони во Европа кои ќе можат да ја произведуваат вакцината, но тоа оди тешко, пишува бриселски „Политико“.
„АстраЗенека“ сега има само еден производствен погон на континентот, во Сенефе, Белгија, кој има авторизација за производство на вакцината. Покрај него, компанијата има уште по еден погон во Велика Британија и САД. Нивните капацитети се премалку за да ги задоволат барањата, па затоа компанијата неодамна ѝ соопшти на Европската унија дека не ќе може да испорача две третини од ветените 100 милиони дози на крајот од март. Тоа предизвика бура од гнев во ЕУ, по што следуваа редица остри обвинувања од двете страни.
Фабриката во Белгија е во сопственост на американската компанија „Термо Фишер“ и таа минатата недела соопшти дека ќе работи само според договорот што го потпишала со „АстраЗенека“. Фабриката во Британија работела само за барањата на британскиот здравствен систем, а таа во Белгија за сите други во светот, поради што е невозможно да се излезе во пресрет на барањата.
Компанијата сега склучува договори со некои компании за да може да ја зголеми испораката за ЕУ, а меѓу нив е и германската „ИДТ Биологика“. Иако „АстраЗенека“ има други производители во Европа, само три имаат дозволи од Европската медицинска агенција за производство на супстанца за вакцини.
Во јануари Европската комисија ја обвини „АстраЗенека“ дека дел од вакционите наменети за ЕУ ги насочува кон Британија, но потоа одби да земе ниту една доза од британскиот синџир за снабдување. Наместо тоа, вакцините на „АстраЗенека“ што недостасуваат во Европа почнаа да доаѓаат од погонот во Мериленд, САД. Под притисок не само на Брисел фабриката во Белгија со проширување на нејзините погони го зголеми месечното производство од 4 милиони дози на 8. (Н.В.)