Аспен институт: Македонија ризикува да остане заглавена меѓу амбициите и реалноста
ЕУ треба да го преосмисли моделот за интеграција на Западниот Балкан, да им овозможи на земјите од регионот пристап до заедничкиот европски пазар наместо да инсистира на регионално поврзување, и да ја зголеми финансиската поддршка, односно истата да ја приближи до нивото на помош која ја добиваат земјите-членки на ЕУ од регионот.
Ова се дел од препораките од публикацијата „Структурни промени на Западен Балкан“ на Аспен Институтот Германија. Авторите на студијата предупредуваат дека регионот е во фаза на длабока економска, дигитална и енергетска трансформација, но напредокот е нерамномерен, а често и недоволен. Северна Македонија, иако често се смета за реформски „позитивец“, се соочува со сериозни предизвици кои можат да го успорат нејзиниот пат кон Европската Унија.
Најголеми критики во студијата се одвоени за ткн. План за раст на ЕУ. Планот за раст значително го преценува економскиот потенцијал на регионалната интеграција, се наведува во публикацијата на Аспен институтот.
„Често повторуваните тврдења – вклучително и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен– за можен раст на БДП од 10% во целиот Западен Балкан како резултат на регионалната интеграција се заснова на погрешно толкување на истражувањата на Светска банка, кои всушност укажуваат на многу помали и нерамномерни придобивки, констатира анализата.
Напротив, одделни анализи на Светска банка покажуваат дека подлабоката интеграција со единствениот пазар на ЕУ би донела значително поголеми придобивки. Ова потврдува дека регионалниот пазар на Западен Балкан, иако корисен, останува „втор најдобар“ избор, особено за производи со ограничена конкурентност на пазарите на ЕУ или на меѓународно ниво. Оваа неусогласеност меѓу амбицијата и реалноста ја поткопува кредибилноста на Заедничкиот регионален пазар како извор на мотивација во Западен Балкан.
Искуството на земјите од Централна и Источна Европа дополнително го потврдува ова: кај нив, регионалната економска интеграција доби замав дури по пристапувањето во ЕУ. Ова потврдува дека учеството во единствениот пазар, а не пред-пристапниот регионализам, е вистинскиот мотор на интеграцијата. Со тоа што не ги признава целосно овие факти, Планот за раст ризикува да ги помеша посредните алатки со стратешките цели и да ја прецени способноста на Заедничкиот регионален пазар да испорача трајни резултати.
Дополнително, споредено со обемот на поддршка што ЕУ ја обезбедува за своите членки, овој механизам изгледа многу скромен. Дури и кога ќе се комбинираат грантовите од Економскиот и инвестицискиот план и Планот за раст, Западен Балкан ќе добие до 11 милијарди евра во периодот 2021–2027 година – значително помалку од соседните земји-членки на ЕУ. На ниво по жител, граѓаните на југоисточните земји-членки на ЕУ добиваат шест до девет пати повеќе средства отколку оние во Западен Балкан. Оваа нерамнотежа го поткопува кредибилитетот на Планот како инструмент за конвергенција и отвора прашања за подготвеноста на ЕУ да обезбеди доволни ресурси за вистинска структурна трансформација.”
Што се однесува до другите параметри, публикацијата опфаќа и критики и пофалби за Македонија. Северна Македонија ги отвори преговорите за членство и продолжува да се усогласува со европските стандарди, но билатералните спорови и политичката нестабилност го забавуваат процесот. За споредба, Албанија и Црна Гора се сметаат за предводници – Албанија ги отвори сите кластери, а Црна Гора ги отвори сите поглавја. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус, но се соочува со длабока политичка фрагментација, додека Србија преговара од 2014 година, но напредокот е ограничен.
Македонија има највисок извозен коефициент во регионот – 72,8% од бруто домашниот производ во 2022 година, наспроти 43,2% во 2013 година. Сепак, извозната структура е ограничена на хемикалии, метали и машинска индустрија. Иако странските инвестиции се релативно високи како процент од БДП, нивниот апсолутен обем е мал, а слабата институционална рамка го намалува долгорочниот ефект. За споредба, Црна Гора има извоз од 51,5%, Босна и Херцеговина 48,3%, а Албанија 37,2%.
Северна Македонија направи значајни чекори – усогласување со европските правила за заштита на лични податоци, формирање агенција за сајбер-безбедност и партнерства со ЕУ и НАТО. Воведени се дигитални идентитети и пилот-проекти со вештачка интелигенција во здравството и образованието. Но, растот на онлајн дезинформации и говор на омраза, како и кревката медиумска слобода, го загрозуваат демократскиот потенцијал на дигиталната трансформација.
Иако невработеноста опаѓа, стапката на вработеност во Македонија е околу 55%, а активноста 60–65%, далеку под европскиот просек од 65% и 75%. Регионалните разлики се драматични – во најслабите региони невработеноста е четири пати повисока од најразвиените. Конкретно во Македонија, стапката на невработеност во Североисточниот (24) и во Југозападниот регион (20) е далеку над стапките во Југоисточниот регион (6.1) или Скопје со стапка од невработеност од 9.6 проценти. Програмите за самовработување и обуки постојат, но се недоволно таргетирани и слабо поврзани со индустриските стратегии.
Македонија има годишна стапка на емиграција од околу –0,94%, што значи дека губи млад и квалификуван кадар и тоа во просек по речиси еден процент од населението годишно. Новата стратегија за демографска отпорност треба да понуди решенија, но претходните напори за ангажман на дијаспората имаа ограничен ефект. Во регионот, Косово има највисока стапка на емиграција (–1,26%), а Босна и Херцеговина –0,96%.
Македонија планира целосен излез од јаглен до 2030 година и 55% обновлива електрична енергија, но Националниот енергетски и климатски план сè уште не е правно обврзувачки. Проектот „Осломеј“ е симбол на праведната транзиција, но потребни се над една милијарда евра инвестиции и масовно преквалификување на работната сила. Во моментов, обновливите извори покриваат само 18,6% од потрошувачката, далеку од целта од 23% поставена за 2020 година.
Северна Македонија има потенцијал да биде лидер во структурната трансформација на Западен Балкан, но само ако ги надмине хроничните слабости – владеење на правото, енергетска ефикасност, дигитални вештини и таргетирани политики за пазарот на труд. Во спротивно, ризикува да остане заглавена меѓу амбиции и реалност.