Арсовски: Попаметно ќе беше да се оставеше референдумот да пропадне

Со ваквата одлука на Џафери шансите да поминат уставните измени за внесување на Бугарите се намалуваат, оценува Петар Арсовски


 

Како непотребен и непродуктивен политички маневар ја оцени аналитичарот Петар Арсовски одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да го одбие барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум  за поништување на договорот со Бугарија од 2017 година – со оценката дека Уставот не дозволува меѓународни договори да се менуваат со закон. 

„Колку што гледам иницијативата за референдум не е отфрлена од технички причини туку со образложение дека се коси со Уставот. Не сум правник, но начинот на кој таа е одбиена значи дека и кога би поднеле нова, дека и таа не би била прифатлива, што значи дека, де факто, таа одлука не може да оди на референдум. Дали е тоа во согласност со правната регулатива  дека меѓународните договори не можат да се побиваат, не знам, но во политичка смисла ваквата одлука ќе биде комплицирана за власта во моментов, особено за СДСМ. Бидејќи, не гледам воопшто поента  да се отфрла референдум за кој се знае дека ќе пропадне“, оценува Арсовски за „Независен“.

Според него, можеби ќе беше попаметен потег да се остави референдумот самиот да пропадне и така пропаднат да се искористи за притисок кон пратениците  на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат во прилог на уставните промени.

„Вака, шансите да поминат уставните измени, што се неопходни за да се отвори првото поглавје за преговори, се намалуваат бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе можат да тврдат дека правото за изјаснување на граѓаните им е одземено“, смета Арсовски. 

Уште повеќе, според негова оценка, со ваков одговор и со ваквата логика на Џафери, испаѓа дека ни за Преспанскиот договор не требаше да се оди на референдум.

„Има некои меѓународни договори што не можат да се сменат или откажат. На пример, не може Германија  да реши на референдум дека нема да плаќа репарации за Втората светска војна. Тоа е невозможно. Но, тоа не значи дека не треба да се дозволи граѓаните да се изјаснат. Сепак, овој референдум немаше да добие поддршка, а енергијата што се создаде против договорот со Бугарија  имаше потреба некаде да се извентилира или, условно речено, да се исчисти. Сега не сум сигурен како ќе заврши ова“, вели Арсовски.

Тој не верува дека одговорот на власта за иницијативата за референдум ќе помине без реакција на опозицијата, очекувајќи да тоа да предизвика нови политички турбуленции на подолг рок. 

„Ова ќе му овозможи нов наратив  на ВМРО-ДПМНЕ, дека не е дозволено ни да се искаже волјата на граѓаните. Граѓаните во принцип не поддржуваат бојкот, а за протести веќе станува студено, така што мислам дека ќе завршиме со нови политички тензии“, проценува Арсовски. Па, иако, како што вели, ја разбира логиката на власта зошто да плаќа за референдум што нема шанси да успее,  сепак забележува дека на таков начин немаше да се одржат ни референдумите за Преспанскиот договор, ни референдумот за територијалната организација…

„Во Македонија референдум без подддршка на двете големи политички партии не може да успее. Прагот е премногу висок. Но, подобро ќе беше да се оставеше тој самиот да пропадне, а не со политички маневар“, заклучува Арсовски.   

И Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го смета за непродуктивен, но и контроверзен одговорот на Џафери за референдумот. 

„Иако е претседател на Собранието, тој е само еден од пратениците и за вакво прашање претпоставувам дека треба собраниска одлука. Но, сигурно не е надлежен да толкува уставност на што било, вклучувајќи ја и оваа иницијатива. Затоа белким го имаме Уставниот суд, каде што веројатно ќе заврши оваа работа, доколку се опстои на оваа одлука“, вели Кржаловски за Дојче веле.

Со овој потег, кој нему му наликува самоволие, вели дека уште еднаш се покажало зошто е толку девалвирано Собранието, кое сѐ повеќе личи на обложувалница, а со ова – и на ранч од Дивиот Запад.

„Контроверзноста ја гледам во повикувањето на членови од Уставот за одбивање на иницијативата. Имено, одлуката се повикува на член 8 (темелните вредности) за почитување на меѓународното право. Патем, таму се зборува за општо прифатените норми, а не поединечни билатерални договори, а се прескокнува, на пример, дека истиот тој Договор и особено последиците од него кои нѐ доведоа до т.н. француски предлог, прекршува барем половина од тие темелни вредности наведени во истиот тој член 8 од Уставот (пр. основните човекови слободи и права, слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, итн.)“, укажува тој.

Но, дури и сето ова да се тргне настрана, според Кржаловски, нејасно е кому му е потребна ваква одлука и зошто е донесена.

„Ќе се спречи референдум? Па, веројатно уште утре ВМРО ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива со малку модифицирано прашање и ќе го прави тоа сѐ додека не се донесе собраниска одлука за референдум. А, паралелно ќе тера постапка и во Уставниот суд за оваа одлука на Џафери. Како со ваков однос кон опозицијата и нивната иницијатива, парламентарното мнозинство и лично Џафери очекуваат кој било пратеник од ВМРО ДПМНЕ да гласа за уставните измени? Ако некој и се надеваше дека по примерот на Преспа, ‘вака или така’ ќе се ‘убедат’ 6 пратеници од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за тоа, со ова и слични вакви однесувања на позицијата, веројатно сите такви надежи се ‘закопаа’. Затоа велам дека оваа одлука е непродуктивна. И како што веќе сме навикнати, наместо ‘народните избраници’ да го работат тоа за што се гласани таму – да ги решаваат проблемите на граѓаните, продолжува тенденцијата на создавање проблеми, често и сосема непотребно. Затоа и не нѐ изненадува што сѐ повеќе заглавуваме и тонеме како држава, а во тоа предничат најважните институции и политичките партии, чија доверба кај граѓаните полека но сигурно тоне кон едноцифрени вредности“, оценува Кржаловски.

Инаку, спикерот на Парламентот вчера ја отфрли иницијативата со образложението дека таа не е во согласност со Членот 118 на Уставот на Македонија, како и со со Членот 8, Став 1 и Алинеја 11 , односно дека не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

Мерсал Билали, пак, за ТВ24 изјави дека референдум за меѓународен договор е можен, но како претходен договор, а не постои дополнителен референдум.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ покренеше референдум пред да се потпише договорот тогаш не можеше да се игнорира одлуката донесена од граѓаните на таков референдум“, појаснува Биљали. (С.Ј.)