Арсовска: Во МКЦ се ангажирале шанкери за плата од 750 евра


Фото: Б. Богдановска

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на доскорешниот директор на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, му порача да ѝ се извини, за како што вели, изнесените лаги во изминатиот период, или во спротивно ќе добие тужба пред суд.

Арсовска на денешната прес-конференција го обвини Богоев дека противзаконски ангажирал  250 лица како хоноррарци, од кои повеќето биле блиски до неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. На 90 пати биле ангажирани шанкери на испомош, од кои највисокиот хонорар бил 750 евра.

Богоев на директорската фотелја седна во јануари, 2022 година, поточно тој го добива мандатот веднаш откако таа стапува на функцијата, а договорот му заврши изминатата недела, по што во медиумите објави дека трпел огромни притисоци од Град Скопје.

– Во 2022 постигнати се преку 250 договори спротивно на Закон, без да се ангажира авторска агенција. Зборуваме за 250 ангажмани спротивно на позитивните законските прописи за кои ќе треба да се даде отчетност. Исплаќани се илјадници евра без почитување на ниту една постапка, ниту Закон. Меѓу нив има истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, а има над 90 за времено ангажирање на шанкер за 350 до 750 евра на месец. Од главната благајна се подигнати 100.000 евра без основа за повлекување на овие парични средства. Тоа се над 6,2 милиони денари во готово – рече Арсовска.

Таа демантираше дека на МКЦ му се скратени 90 проценти од буџетот. Минатата година на МКЦ од основниот буџет му следувале 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари.

– Што се однесува до сумата за дотации од Град Скопје, лани биле 34 милиони денари, додека оваа година се издвоени 34 милиони денари. Намалувањето е незначително, и не поради тоа што нема интерес Град Скопје, туку МКЦ мора да работи и самоодржливо. Има потенцијал да работи без субвенции и дотации, има сопствени приходи од над 33 милиони денари. Не е скратена програмата, договорот на в.д. директорот му заврши, а притисок во целост отфрламе дека имало, Ванчо Богоев ако не се извини за лагите со кои му штети на угледот на Град Скопје, ќе треба тоа да си го докажува пред суд – рече Арсовска.

МКЦ демантира

Програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ е шокиран и целосно згрозен од изнесувањата на прес конференцијата на Градоначалничката на Град Скопје. Најостро ги демантираме изнесувањата на прес-конференцијата кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Истите тие се предмет на клевета согласно законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и вработените кои се предмет на овие обвинувања, велат од програмскиот колегиум на МКЦ.
 
И ВМРО-ДПМНЕ ја демантира Арсовска
 
„Одлучно и во целост ја демантираме градоначалничката Данела Арсовска и нејзините лажни тврдења дека разрешениот директор на МКЦ, Ванчо Богоев е член на ВМРО-ДПМНЕ. Секако дека тоа што посочениот директор не е член на партија не значи дека лошо си ја врши работата и тоа треба да биде причина за било чие разрешување.  Кратењето на средства за МКЦ од Арсовска и владеачката коалиција во градот Скопје криминогената СДС, фолирантите Левица, уценетата ГРОМ и нивните газди ДУИ не е симболично, туку драматично, од 40 милиони на само 2 милиони денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека роа што МКЦ имал зголемени приливи од сопствени средства и избори е само доказ дека менаџментот добро работел и не може да биде причина за казнување и намалување на парите за работа.

„Затоа советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесе предлог за зголемување на средствата и буџетот на МКЦ и другите институции од областа на културата под Град Скопје“, додаваат од таму.

 
„Сите за МКЦ“ протестираат пред Советот на Град Скопје

 

Движењето „Сите за МКЦ“ протестира пред Советот на Град Скопје во знак на револт за кратењето на буџетот и смената на в.д. директорот на оваа јавна институција, јавува Вечер.

Целта на оваа акција, како што велат организаторите на протестот, е да се покаже културата и историјата на МКЦ, односно дека МКЦ не е само уште една државна институција заборавена во времето, туку институција која го следи развојот на уметноста, активно делува и организира настани.