Арсовска со поддршка за Мазнева: Не смее ниту еден човек да зема плата, а да не иде на работа

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, побара поддршка за директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, на прес-конференција, затоа што имала храброст да излезе во јавност откако детектирала неправилности во претпријатието и постапила како ниту еден маж досега.
„Тоа што застанувам остро против криминалот, не значи дека изразувам нервоза. Застанувам во целосна одбрана на Косана Мазнева затоа што ги детектирала сите неправилности. Таа постапи уште минатиот месец, пред 25 јуни, кога реагира соодветно, кога почна со сите постапки, па мафијашките структури одлучија да се пресметаат со неа. Јас не дозволувам никој да нè манипулира тука, најмалку против една жена, која се нафати со едно претпријатие со 1.400 вработени, кое било во заложништво на ликови, семејно поврзани, да се обиде ова да го испреврти и да ја направи виновна. Треба да го поздравите тоа што некој со овие мафијаши се справува по 30 години. Ако мислите дека со еден ден се прави сериозна пријава – се лажете. Затоа треба оваа жена да ја поздравите сите, да ѝ кажете браво“, им рече Арсовска на новинарите.
Побара новинарите и јавноста да ја поддржат Мазнева исто како што таа го прави тоа.
„Ако се обидува некој политички да се пресметува, треба добро да размисли. Треба да се размислат сите што молчеле 30 години пред ова што се случува, а не да ја напаѓаат оваа жена тука. Целиот град стои зад неа бидејќи сама се спротивстави против сите, каде што ниту еден маж не застанал“, додаде Арсовска.
Посочи дека фатиле луѓе што се трајно иселени во Германија, а примале плата. Беше лута што новинарите не го иницираат ова прашање.
„Фативме луѓе што трајно седат во Германија, трајно се иселени и примале плата. Не се прашувате како се случувало тоа? Не иницирате како јавност за одговорност на овие лица?“, рече Арсовска.
Рече дека не смее ниту еден човек да зема плата, а да не иде на работа.
Арсовска, исто така, ги нарече инфлуенсери нејзините колеги од скопските општини кои вчера се сликаа со општинските служби како чистат ѓубре. Им посочи дека прво направиле неред, па играле политички игри.
„Коалицијата ДПМНЕ-СДСМ, наместо како инфлуенсери да се сликаат на градските улици да се сликаат по градските улици за нередот кој го прават и политичките игри кои ги играат, да се зафатат со работа и да престанат да си играат со нервите на скопјани. Сите тие се власт во градот Скопје и државава и треба да си постапуваат, а не да изигруваат инфлуенсери. И нека си ги исчистат нивните населби прво па нека кажуваат“, рече Арсовска.
Им порача дека со нив мора да се расчисти.
„Мора да се расчисти со овие работи. Мора да се расчисти со политкантиве, со партииве кои си играат инфлуенсери надвор во градот, кои знаат што се случувало бидејќи тие ги раководеле овие претпријатија. Тие имаат намера да угнетат се што не размислува како нив и се обидуваат тие луѓе да ги заплашуваат. Ниту јас, ниту директорката, не е уплашен од нивните реакции“, додаде Арсовска.