Арсовска се заканува со автобуси на ЈСП пред Влада и пред институции


Јавниот превоз во Скопје е под неколкудневни закани. Најпрво синдикатот излезе со предупредување дека доколку не им се исплати септемвриската плата, нема да возат по скопските улици.

Но, откако од градот најавија дека деновиве ќе биде исплатена платата, штрајкот беше откажан. 

Сепак, денеска најпрво генералниот секретар на Градот, Зоран Глигоров, со поддршка од новиот директор на ЈСП „Скопје“, Александар Стојковски, застанат на пресот зад него, рече дека плата за вработените нема затоа што многу државни институции должат на претпријатието, истакнувајќи го Министерството за образование како најголем должник, со долг од 120 милиони денари. Тој најави дека вработените во јавното претпријатие ќе штрајкуваат утре пред Владата. 

Еден час подоцна, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, рече дека пред Владата и пред другите институции ќе паркираат автобуси, кои нема да мрднат од таму додека не се исплатат долговите кон претпријатието.  

– Ние ќе отпочнеме со сите постапки кои што се во наша надлежност, а тоа е ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои ги блокираат процесите и на тој начин да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и се додека не ги реализираме овие работи кои што тие ги долгуваат нема да се поместат автобусите од пред надлежните институции од каде што треба да се добијат овие средства – рече  Арсовска.

И покрај предизвиците со кои се соочува претпријатието, Арсовска е децидна дека јавниот автобуски превоз ќе биде бесплатен токму онака како што беше најавено во програмата „За модерно Скопје“.

– Тоа опфаќа целосно јавен градски превоз во првите две години од отпочнувањето на мандатот што значи дека во втората половина на следната година бесплатен јавен превоз ќе има – најави градоначалничката Арсовска.

Арсовска повика сите институции кои во моментот му должат пари на ЈСП „Скопје“ за услугите кои ги врши на терен претпријатието и на тој начин оневозможуваат да се обезбедат потребните финансиски средства за тековно подмирување на трошоците кои ги има претпријатието, потребно е веднаш да ги подмират долговите.