Арсовска се премисли, повлечена точката за формирање Агенција за обезбедување


По најавата дека Градот Скопје ќе формира Агенција за обезбедување, која требаше да ја гарантира безбедноста на училиштата и неколку културни установи, денеска точката беше тргната од дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје.

На почетокот на седницата, секретарот на Градот Ѓоко Велковски побара точката да се повлече заради доработка.

Според идејата на градоначалничката Арсовска, Град Скопје требаше да формира Друштво со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ) за обезбедување на објектите кои се под надлежност на Град Скопје.

„Трговското друштво ќе врши приватно обезбедување на средните училишта и културните институции под надлежност на Град Скопје. На овој начин со централизирано уредување ќе се постигне поголема ефикасност во обезбедување на објектите и на безбедноста на учениците и вработените. Целта за основање на Друштвото за приватно обезбедување е да се подигнат стандардите и квалитетот на вршење на работата на обезбедување на имотот на Град Скопје“, се велеше во образложението на одлуката која денеска беше повлечена од разгледување и усвојување.

Досега, Градот Скопје за обезбедување на училиштата ангажира приватно обезбедување, при што за едногодишно обезбедување на 23 средни училишта Градот плаќа 160.000 евра.

Со основањето на Агенцијата за обезбедување со оглед на тоа дека под надлежност на Град Скопје се 23 средни училишта и неколку културни установи односно околу 30 објекти, ќе треба да се вработат меѓу 60 и 100 лица.