Арсовска распиша оглас за приватните превозници, па најавува еколошки превоз


Фото: Б. Грданоски

Побрз и поеколошки јавен превоз најавува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, откако денеска беше објавен, по трет пат, конкурсот за приватните превозници. 

– Она коешто го кажавме од самиот почеток, повикот којшто се објави првиот пат се објави и сега, во соработка со координативното тело на приватните превозници, е повик на којшто тие искажаа заинтересираност да чесно, транспарентно и одговорно ја вршат дејноста. Се надеваме дека по завршувањето на овие две недели ќе имаме заедничко водење на јавниот транспорт во Скопје – рече Арсовкса денеска .

Арсовска рече дека кај приватните превозници се наишло на желба да се работи токму онака како што треба, согласно националната легислатива и да ги почитуваат одредбите на договорот кои Град Скопје ги нуди како услови.

Со новата реформа на јавниот градски сообраќај, Арсовска најави дека имаат намера да се придржуваат до оние еко-стандарди кои се бараат, а е во насока да има почист и поздрав воздух во главниот град.

Формирани се групи, од Градот и од превозниците, кои ќе работат на предизвиците да се овозможи стандардизиран и еколошки јавен превоз, информира таа.

Град Скопје, денеска, го распиша огласот со кој ќе ангажира приватни превозници за транспорт на патници во градот, по тврдењето на градоначалничката Данела Арсовска дека и без градскиот сообраќај функционира.

Огласот е за 16 линии, и тоа со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. Отворањето на поднесените понуди ќе биде на крајот од март. Огласот пак е активен до 21 март. Критериумите за да бидат избрани се возниот парк, човечките ресурси, логистиката, искуството.

„Пакетите на линии утврдени во овој оглас се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години. Постапката за доделување на пакетите на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот на Град Скопје. По завршување на постапката, градоначалникот донесува решение за секоја линија од доделениот пакет. Град Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор, кој е составен дел од документацијата за јавниот оглас“, стои во огласот.