Арсовска предлага субвенции за купување еко-возила за сите – поддршка од 200.000 денари


Набавка на нови еко-автобуси, субвенционирање за купување нови еко-такси возила и возила за граѓани, соработка со општини, за реконструкција на неколку улици, се дел од барањата односно одлуките, кои денеска на предлог на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ќе се најдат пре советниците во Советот на град Скопје.

– Градот Скопје мора да биде модерен град, квалитетен, стандардизиран транспорт, имплементација на иновации за заштита на животната средина, како и проекти за квалитетна инфраструктура, не треба да бидат исклучок, туку треба да бидат наше секојдневие. Денеска имаме седница на Советот на град Скопје, кадешто пред советниците предложивме неколку точки за кои очекуваме тие да ја дадат својата недвосмислена поддршка – рече Арсовска на прес-конференција пред почетокот на Советот.

Пред советниците ќе се најде и одлука за субвенционирање набавка на нови еко-возила, за хибриден или електричен погон, за граѓаните и за такси-превозниците. Ова е пилот проект, појасни Арсовска, со кој градот ќе субвенционира 200.000 денари по возило.

На овој начин, смета Арсовска, се намалува загадувањето на воздухот, а и се модернизира на јавниот и такси-превозот во градот.

Арсовска предлага и неколку меѓуопштински соработки, со неколку општени, кои ќе продинесат градот да инвестира во општините: реконструкција на „Македонско-косовска бригада“ во Шуто Оризари, „Славејко Арсов“ во Центар, „Христофер Џафаровиќ“ во Гази Баба.