Арсовска: Почнува постапката за изградба на новиот Луна парк


Фото: Б. Грданоски

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска најави дека почнува постапката за изградба на новиот Луна парк.

– Од претходното раководство беше почнато со изработка на проект, ние како што кажавме, ништо од она што било отпочнато да се прави, нема да го прекинеме. Го прифативме самиот проект. Проектот беше во завршна реализација и беше доставен до градот Скопје, дури минатиот месец од својата изработка. Тука исто така имаше и еден процес којшто како таков опфаќаше обезбедување на неопходните дозволи од страна на ресорната општина, а тоа е општината Карпош за да може да се обезбеди и формално правна можност таму на тоа место да се отпочне со градба, појасни Арсовска во изјава за медиуми.

Каки што нагласи таа, сега постапките започнуваат.

– Секако имаше забелешки и од ревизијата за начинот на којшто тие постапки се воделе во претходните мандати од аспект на тоа дека не било овозможувано градбата да отпочне, со самото тоа што на таа позиција имало некои објекти и лица коишто имале соодветни договори за закуп, сега сите тие ако можам така да кажам недостатоци се елиминирани и практично се отпочнува со изградбата на новиот Луна парк, додаде Арсовска.

Таа појасни дека во овој момент откако се добиени сите документи се отпочнува најпрвин постапката на тоа да се обезбедат дополнително бројот на реквизити, расчистување на теренот и поставување на постаментите и изградба на сето она кое што како инфраструктура треба да биде обезбедено за предмонтажата на реквизитите.
– Само да ги избегнеме инсинуациите никакви други објекти, градби, згради, било што друго во тој комплекс нема, освен она што е неопходно за функционирањето на Луна паркот, а тоа е нормално билетарите, самите реквизити што треба таму да се монтираат и нормално пропратните содржини коишто се неопходни за самите жители, нагласи таа.