Арсовска обвинува за урбана мафија, СДСМ и возвратија дека е „почесна конзулка од Унгарија“


Каква дрскост и ароганција е потребна за Христијан Мицкоски и Наташа Котлар да говорат за „урбана мафија“ во Центар, поим кој е дефиниција за нивното владеење, реагираа од СДСМ на обвинувањата на опозицијата која најавува „промени“.
 
-Христијан Мицкоски заедно со неговата кандидатка Котлар, требаше да го започнат митингот со едноминутно молчење за масакарот кој му го наносеа на Центар. 
Да молчат за исчените дрва, да молчат за изградените бетонски чудовишта од Скопје 2014, за насилствата врз гр аѓаните, за гласачите од Пустец, за притисоците, за изгасените лифотви и за што уште не. 
 
Центарци уште го паметат теророт на ВМРО-ДПМНЕ, а општината ги носи лузните од нивното  владеење. Мицкоски и Котлар сериозно се лажат ако мислат дека центарци го заборавиле нивното уништување и дивеење во општината.Се лажат ако мислат дека е заборавен криминалот тежок една милијарда евра кој го правеа преку грбот на граѓаните на Центар уништувајќи им ги населбите, маалата, Водно и се што им доаѓаше пред очи.Центарци не забораваат како ВМРО-ДПМНе менува ДУП-ови во три часот наутро. Казната за тоа ја добија на 17 октомври кога беа поразени, а ги чека уште поголем пораз на 31 октомври. Ова ќе се случи затоа што истите луѓе кои го направија целиот криминал во Центар повторно ја бараат довербата на центарци, порачаа од СДСМ.
 
Тие исто така ја нарекоа „почесна конзулка од Унгарија“ Данела Арсовска, тврдејќи дека е кандидат на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кои го создадоа урбанистичкиот хаос во Центар и во Скопје, заради интересите на урбаната мафија на Груевски.
 
-Данела Арсовска станува менаџерка на спортската сала Расадник токму кога Никола Груевски е министер за финансии. Како резултат на нејзиното катастрофално менаџирање, спортската сала Расадник пропаѓа.Центарци и скопјани многу добро паметат кој го уништуваше модерно Скопје заради изградба на „барокно Скопје“. Центарци и скопјани многу добро паметат кој го уништуваше зеленилото во Скопје и шумите на Водно заради изградба на хациенди на плацовите на Груевски и неговите урбани мафијаши. Центарци и скопјани многу добро знаат зошто криминалното ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати во Центар и Скопје.Трагите од криминалите на ВМРО-ДПМНЕ во Центар се сеуште видливи и свежи, и затоа Наташа Котлар ќе биде уште еднаш поразена од Герасимовски во општина Центар, порачаа од СДСМ. 
 
Претходно, Данела Арсовска од митинг  истакна дека промените во Центар се извесни, и дека општина Центар ќе биде пример за тоа како треба да изгледа општина во европска метропола. Таа изрази голема поддршка за Наташа Котлар за која истакна дека е човек кој ќе се бори против урбаната мафија и за почиста општина за сите центарци.

 

-Во првиот круг сонце го огреа Скопје, сонце на промените кои се извесни во градот, промени на модерното Скопје, рече Арсовска.

Таа посочи дека кандидатката за градоначалник на Центар, Котлар,  е имуна на корупцијата и ќе се бори против урбаната мафија.

-Нашата визија за Центар е тој да биде пример за тоа дека во Скопје можеме да живееме во европска модерна метропола, а токму од Центар ќе почнат промените за следните четири години. Разликата е 8.000 гласови во првиот круг  и е предвесник на промените кои доаѓаат. За десет дена Центар и Скопје ќе имаат нови градоначалници кои ќе бидат ветерот на промените, рече Арсовска.

Претходно, Мицкоски ги обвини СДСМ за бетонизација на Скопје и наводна спрега со мафијата, иако тоа беа причините поради кои ВМРО-ДПМНЕ го загубија Скопје на претходните избори.

-СДСМ во Центар е на власт 8 години. Пред да дојдат на власт ветуваа мораториум на градењето, нови паркови и решавање на сообраќајниот хаос. После 8 години власт на СДСМ имаме супер интензивна бетонизација, немаме нови паркови и имаме сообраќаен хаос како никогаш порано. Без оглед кој е градоначалник од СДСМ, овие 8 години однесувањето им остана исто. Знаете ли каде е вистинскиот проблем со бетонизацијата и урбаната мафија? Затоа што постои пакт на криминалците со пари и нивните луѓе во политиката. Тој пакт раѓа бетон кој за граѓаните значи ограничување на нивната слобода, а за овие другите значи пари. Јас и луѓето колку мене никому не должиме, и не правиме пактови со криминалци. Должиме само на народот кој мора да знае дека нема да дозволиме бетон кој ќе ја ограничува и одзема нивната слобода и нормалниот живот.Затоа заокружувањето на бројот 7 за Наташа Колтар и бројот 82 за градот Скопје и Данела Арсовска е добитната комбинација за развојот на вашата општина, порача Мицкоски.