Арсовска: Неопходна е соработка на приватниот и јавниот сектор за поголема доверба во институциите


Данела Арсовска

Имплементирање мултирателарен систем за олеснување на трговијата и на инвестициите, воспоставување контролиран раст на е-трговијата преку посебни договори со особено внимание за потребите на микро, малите и средните компании, олеснување на пристапот до финансирање на трговијата, поддршка на извозот на услуги во секторите поврзани со туризмот кои се најзагрозени, како и поттикнување иновации и развој на дигитални технологии, се само некои од препораките на Меѓународната советодавна група за економски политики кои ќе им бидат испорачани на лидерите на владите на Г20, со цел ублажување на последиците од КОВИД-пандемијата.

Дел од интернационалната советодавна група која заседаваше утрово, е и претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, како меѓународен експерт.

Арсовска на е-конференцијата порача дека е неопходна соработка на приватниот и јавниот сектор за да се создаде деловен амбиент кој ќе поттикнува зголемување на интегритетот и на довербата во институциите, во насока на постигнување економски просперитет.

– Согласно прецизно востановен стратешки план, ќе се имплеметира мултирателарен систем за олеснување на трговијата и на инвестициите за развој. Второ, ќе се посвети особено внимание на воспоставување контролиран раст на е-трговијата преку посебни договори со особено внимание за потребите на микро, малите и средните компании, односно за претприемачите. Трето, олеснување на пристапот до финансирање на трговијата и поддршка на извозот на услуги во секторите поврзани со туризмот кои се најзагрозени во моментов, поттикнување на иновации и развој на дигитални технологии. Четвртата препорака се однесува на промоција на одржлива трговија и инвестиции со акцент на имплементација на нови технологии, преку трговски политики компатибилни со правилата на Светската трговска организација, со цел да се постигне транзиција кон одржлив економски развој, рече Арсовска.

Таа потенцира и дека препораките не се насочени само кон владите на земјите од Г20, туку и глабално, бидејќи нивната имплементација може да даде поефикасна поддршка на приватниот сектор за време на криза, заштита на економијата и подготовка за идните предизвици.

Според претседавачот на советодавната група, Лубна Олајан, ова е можност да се поттикнат препораки за политиките кои промовираат глобална посветеност кон мултилатерализам и либерализација на трговијата, како клучни столбови за фер и отворена меѓународна трговија и инвестиции.

Меѓународната советодавна група од почетокот на годината работи на подготовка на економските политики и препораки, а денеска на е- конференцијата ги финализираше. Нејзини членови се и Томас Донохју, претседател и извршен директор на Американската стопанска комора и Еверет Ајсенштат потпретседател на Генерал Моторс од САД.

Финалниот документ содржи четири клучни препораки за зајакнување на довербата во глобалниот систем за трговија и инвестиции.

Покрај Арсовска членови на меѓународната експертска група која го креираше овој финален сет на мерки за економски политики се и лидерите на деловните заедници на САД, Кина, Германија и на Франција.