Арсовска нема повеќе да може да ги издава спортските сали во училиштата под закуп


Директорите на училиштата, а не градоначалникот на Град Скопје, отсега ќе можат да ги издаваат спортските салите и други простории или имот на средните училишта под закуп.

Со усвојувањето на одлуката за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје, на последната седница на Советот на Град Скопје, ставена на дневен ред на иницијатива на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, советниците и ја одзеда оваа надлежност на градоначалничката Данела Арсовска.

Одлуката беше изгласана со 23 гласа „за“, а 6 советници беа против. Донесената одлука е спротивна на онаа што по предлог на Арсовска беше донесена пред 10 месеци, со која Градот ја презема надлежноста од директорите.

Лани Арсовска предложи нов правилник за издавање под закуп на имотот на Град Скопје, со кој повеќе директорите немаа право да ги издаваат спортските сали или дворовите на училиштата туку, како што беше кажано тоа ќе го прави Градот. Беше скратен и рокот за давање под закуп на една година.

Градоначалничката Данела Арсовска, пак, порача дека оваа одлука која ја подготвиле не е законска и поради тоа таа како градоначалничка нема да ја спроведува.