Арсовска не ги решава инфраструктурните проблеми на претприемачите од индустриската зона „Визбегово“


Претседателот на Индустриската зона „Визбегово“ и потпретседател на СКСЗМ, Нухи Алиу посочи дека зоната со повеќе од 5.000 вработени генерира годишен приход од преку 800 милиони евра, има преку 40 милиони евра годишен профит и учествува со 7,5 отсто во БДП на државата, а се соочува со огромни инфраструктурни проблеми, иако профитот што го остварува целосно останува во земјава.

– Индустриската зона „Визбегово“ со години има инфраструктурни проблеми и уште функционираме со септички јами, кои самите си ги правиме. Мислејќи дека ќе најдеме начин за надминување на состојбите имаме деловни контакти со Владата и со локаната власт, зашто зоната припаѓа на три општини – Бутел, Карпош и Чучер Сандево и на Град Скопје. Направени се некои минимални инвестиции од буџетот на општините и од Министерството за транспорт и врски кои воопшто не ги решаваат проблемите. Станува збор за единствена зона која го полни Буџетот и не е како другите зони кои и она што го произведуваат не го оставаат тука и го носат надвор заедно со профитот кој го остваруваат, рече Алиу.

Досега, додаде тој, не сме имале некоја поголема поддршка и сè што е направено во зоната е направено со инвестиции од приватниот сектор.

– Јавно ги повикуваме државата и локалната власт повеќе да мислат за зоната и повеќе да бидат присутни во неа и да ги решат елементарните инфраструктурни потреби што ги има, а да не зборуваме за главниот и споредниот пат во зоната кои се во катастрофална состојба. Дури и инвестицијата на Министерството за транспорт и врски во делот на водоводот и канализацијата сè уште не е приклучена и работите се толку лошо изведени, посебно кај шахтите кои не се адекватно наместени и се опкружени со бетон наместо со асфалт, поради што може да предизвикаат многу сериозни проблеми и последици, посочи Алиу.

Тој истакна дека заедно со Комората воопшто не може да дојдат во контакт со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Инсистираме откога стана градоначалничка да имаме комуникација, но никако не можеме да дојдеме до неа и да имаме некоја средба иако во предизборието беше во зоната и вети дека ќе биде еден од приоритетите во нејзината програма, потенцира Алиу. 

– Како веќе докажан менаџер ги ценам напорите и залагањата на претприемачите од оваа зона кои се од големо значење како од економски, но и од социјален аспект. Со подобрување на инфраструктурата ќе ја прошириме зоната и ќе направиме место за уште повеќе компании да станат дел од неа и да отвориме уште 1000 нови работни места за нашите сограѓани. Оваа индустриска зона ќе има ист третман како и другите индустриски зони, изјави Арсовска на средбата со нив во октомври 2021 година, пред локалните избори.

Претставниците на компаниите тогаш, побараа од Арсовска уште во првите 60 дена кога ќе стане градоначалник, заедно да седнат и да направат акциски план за работење на зоната.

Повеќе од компаниите во индустриската зона Визбегово се домашни компании и профитот кој го реализираат, повторно го инвестираат во државата.