Арсовска не ги разбира „вообразеноста и коментарите“ на Таравари


Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одговори на прозивките на гостиварскиот градоначалник и генерален секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, порачувајќи му дела „кадровски решенија може да поставува во Гостивар, но не и во Скопје“.

„Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје“, вели во изјава упатена до медиумите скопската градночалничка Арсоваска.

„Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува“, додава таа во изјавата.

Како што посочува Арсовска, „Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат“.

Инаку, Таравари реагираше на одлуката на Арсовска да го разреши в.д. директорот на „Комунална хигиена“, Зуди Енузи, по што Таравари објави дека неговата партија ја прекинува соработката со неа.

Разрешувањето на Енузи дојде откако неговиот брат беше идентификуван како човекот кој мавташе со пиштол вчера кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје за време на протестот против францускиот предлог.