Арсовска најави ветинг за директорите на јавните претпријатија


Спроведување на дури 15 проекти во првите 82 дена најавува кандидатот за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и ветинг за директорите на јавните претпријатија.

„Во првите 82 дена од мојот мандат, преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акционен план ќе ги исчистиме дивите депонии во градот. Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај каде ќе се обезбедат помали временски интервали за автобусите и продолжување на линиите до заборавените места, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, посебно за време на викендот. Следно е отворање на телефонска линија за барања и помош на граѓаните. Ќе се формира и Зелениот градски совет во соработка со невладиниот сектор. Водно преку иницирање предлог закон ќе биде прогласена за заштитена парк шума. За граѓаните ќе биде воведена 24 часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик. Одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите во градот ќе бидат вратени во функција. За лицата со попреченост ќе бидат обезбедени пристапни рампи во сите градски институции. Во соработка со Антикорупциска комисија ќе спроведеме процес на ветинг на директорите на јавни институции под градот и раководителите на сектори. Ќе се ревидира и прилагоди проценката на данок на имот. Предвидено е и формирање Совет за поддршка на жени претприемачи. Цените за паркинзите кои се под надлежност на град Скопје ќе бидат намалени до 25%. Тимови од градот ќе направат проценка на состојбата со заборавените населби во градот и ќе биде изготвен акциски план за спроведување на проекти за овие населби. И ова не е само изборно ветување, ова е моја обврска кон вас“, рече Арсовска на денешната прес-конференција.

Како независен кандидат, Арсовска кажа дека е благодарна за поддршката од партиите ДПМНЕ, Алијансата на Албанците, Алтернатива и сите останати партии, движења, невладини организации, но најмногу од се е благодатна за поддршката од скопјани. Затоа ги повика граѓаните во недела да бидат уште пообединети за една цел – современо и модерно Скопје.

За Арсовска, четири години се доволно време за да се оцени дали некој знае да работи и да го оствари своето предизборно ветување и според неа до сега скопјани се сведоци само на политиканство, празни ветувања, спотови и нереални 3Д анимации.