Арсовска на увид во градежните работи на мега-паркот „Даме Груев“ во Ѓорче Петров


Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денес изврши увид во градежните работи во мега-паркот Даме Груев во општина Ѓорче Петров.

ЈП „Улици и патишта“ на терен веќе работи на инфраструктурното уредување на паркот кое се одвива со одлична динамика, додека Јавнoто претпријатије „Паркови и зеленило“ ја изведуваат првата фаза од овој нов мега парк, односно се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување согласно со проектот за парковската површина.

Во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и велосипедските патеки и просторот за останатите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации.

Изведбата на градежните активности е соогласно однапред определените временски рокови.

Соогласно проектот работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидува четири фази на изведба. Паркот е предвидено да биде составен од три дела со вкупна површина од над 30.000 квадратни метри. Во паркот е предвидено да бидат засадени над 2.200 дрвја, а се гради на локација на која беше исчистена огромна дива депонија од над 50.000 квадратни метри.

Овој мега парк е првиот од најавените пет паркови кои ќе се градат на територија на Град Скопје, а се дел од програмата „За модерно Скопје“ на градоначалничката Данела Арсовска.