Арсовска ќе го доградува мостот во Аеродром


Фото: Б. Грданоски

Мостот на крајот од булеварот „АСНОМ“ во Аеродром, сепак ќе се догради, брифираше денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, откако првично велеше дека не е возможно да се заврши.

Арсовска ќе ги продолжи и другите проекти почнати од претходниот градоначалник, Петре Шилегов, како проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ од Пинтија кон Драчево, клучката кај Момин поток. Секако, ќе мора да се заврши и изградбата и реконструкцијата на фекалната канализација на булеварот „Киро Глигоров“.

„Ова се веќе склучени договори што мора да се реализираат“, вели Арсовска.

Исто така, продолжува и реконструкцијата на Универзална сала, иако се прави одредена измена на проектната документација, а се планира на пролет да биде завршена првата фаза. За втората фаза, која се однесува на уредување на внатрешноста на Универзалната сала, треба да се обезбедат средства, а градот е многу задолжен, рече Арсовска.